Активисти за заштита на животната средина планираат да одржат протести во повеќе од 50 земји во текот на викендот, барајќи од владите постепено да го прекинат согорувањето на фосилните горива што ја загреваат планетата и предизвикуваат климатски промени.
Во услови на зголемен број на смртни случаи и економско уништување предизвикано од разорни поплави, шумски пожари и суша, демонстрантите планираат повеќе од 500 собири во 54 земји, од Пакистан и Нигерија до САД.
Организаторите на протестите очекуваат на глобално ниво повеќе од милион луѓе да присуствуваат на митинзите викендов, што би можело да ја направи акцијата најголемиот меѓународен протест за климата од пред пандемијата на Ковид-19, кога движењето предводено од шведската активистка Грета Тунберг доведе до тоа милиони луѓе околу светот да се приклучат на маршевите.