Search
Search

“Мултиверзум“ – изложба на Симон Шемов во Даут-Пашин Амам

Со над 400 претставени дела, творечкиот циклус на уметникот Симон Шемов, овојпат насловен „Мултиверзум“, ќе биде претставен на изложбата, која ќе се отвори утре, на 27 септември, во Даут-Пашин Амам.

Со почеток во 20 часот, изложбата ќе биде отворена за јавноста до 27 ноември, а куратор на проектот е Ана Франговска. „Изложбата се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното“, посочуваат организаторите.

Според Франговска,  во изложените дела се издвојуваат „четири феноменолошки аспекти кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес).

„Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ad acta, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т. е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т. е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови“, посочува кураторот Франговска.

АКТУЕЛНО