Search
Search

Бегалците од Нагорно-Карабах пристигнуваат во Ерменија

Стравувајќи од одмазда од Азербејџан, етничките Ерменци масовно го напуштаат Нагорно-Карабах. Повеќе од илјада бегалци веќе стасаа во Ерменија.

Медиумите во Русија, која е долгогодишен сојузник на Ерменија,  јавуваат за околу 3 илјади лица кои од Нагорно-Карабах преминале во Ерменија по 5 часот утрово. По децении конфликт,  локалните Ерменци стравуваат од одмазда  од авторитарниот Азербејџан. „Семејствата кои станаа бездомни по неодамнешната воена операција и кои сакаат да ја напуштат Републиката, ќе бидат донесени во Ерменија“, изјави ерменското раководство во главниот град на Нагорно-Карабах. Минатиот вторник Азербејџан почна воена операција  за освојување на одметнатиот регион и за само еден ден ерменските борци се предадоа.  Според азербејџански извори, повеќе од 200 лица се загинати во кратките борби, а повеќе од 400 се повредени. Азербејџан вети дека на ранетите ќе им биде дозволено да го напуштат регионот и да заминат во Ерменија.

Каква е ситуацијата на теренот?

Штом локалните жители ги чуле првите истрели минатата недела, се сокриле во подрумите. Градот потона во хаос, паника и многу луѓе се  разделени од своите најблиски.

„Тие два дена беа неиздржливи. Слушавме екслозии во близина на нашиот дом. Дроновите ни летаа над покривот. Куќата се тресеше,” раскажува Нина. Во аудио порака за репортерката на ДВ, Марија Катамаџе, оваа жителка раскажува дека ситуацијата во градот била „катастрофална“.  „Речиси и да немаме струја, ниту врска со надворешниот свет. Не знаеме што се случува со нашите пријатели и роднини“, вели Нина.

Првите бегалци од Нагорно-Карабах стигнаа во Ерменија
Првите бегалци од Нагорно-Карабах стигнаа во ЕрменијаФотографија: Vasily Krestyaninov/AP Photos/picture alliance

Во меѓувреме првите бегалци во неделата изутрина пристигнуваа во Ерменија во возила или автобуси придружувани од руските мировни сили. Таму ги пречекаа активисти на Црвениот крст кои им пружаа прва помош и психолошка поддршка.

„Плачев цело време, мислев дека ќе нѐ убијат. Проектилите ни летаа над глава. Сега сме тука и тоа е чудо,” вели една мајка на три деца за ДВ.

„Беше толку бучно, ракети, хеликоптери и дронови. Ништо веќе не чувствувам. Толку е лошо. Не, страшно е,” вели студентката Ангелина.

Ерменија бара мониторинг на ООН

Ерменските власти во саботата побараа распоредување на мисија на ООН во Нагорно-Карабах за мониторирање на почитувањето на човекови права и обезбедување на безбедноста на етничките Ерменци во регионот.

„Меѓународната заедница треба да ги преземе сите напори за итно распоредување на мисија на ООН со цел да се мониторираат човековите права, хуманитарната и безбедносна ситуација на терен“, рече ерменскиот министер за надворешни работи во говор пред делегатите на ООН во Њујорк. Во ерменскиот главен град имаше протести, а демонстрантите тврдеа дека владата не успеала да ги заштити етничките Ерменци во Нагорно-Карабах. „Се чувствуваме ужасно. Владата не мисли на нашите сограѓани кои умираат од глад или се застрелани,” вели еден од учесниците во антивладините протести. Азербејџан тврди дека ќе ги почитува и заштитува правата на етничките Ерменци на територијата.

Извор Дојче Веле

АКТУЕЛНО