Search
Search

Анкета на ИРИ: Над 53 проценти од граѓаните не би ја избрале Арсовска за градоначалник

Една и пол година откако дојде на оваа функција, над 70 проценти од скопјани се незадоволни од сработеното, најмногу поради градскиот превоз, но и немање план за урбан развој. Тоа доведе до тоа помалку од 1 процент од скопјани да бидат задоволни од работата на скопската градоначалничка Данела Арсовска. 

Ова го покажа последната анкета на Интернационалниот републикански институт – ИРИ спроведена во април годинава.

Според неа, 18 проценти од скопјани се делумно задоволни од работата на Арсовска, а 9 проценти не дале одговор.

На прашањето дали на Скопје му треба друг градоначалник, мнозинството од 53 проценти одговориле позитивно.

Споредено со претходната ИРИ анкета, направена лани во октомври, ова се двојно полоши резултати за скопската градоначалничка. Тогаш главно задоволни од работата на Арсовска беа 39 проценти од испитаниците од Скопје.

Споредбата на двете анкети покажа и дека во шест месеци, јавниот превоз успеа да ги истисне зад себе сите други проблеми на жителите на главниот град.

 

Во последната ИРИ анкета, дури 30 проценти од испитаниците од Скопје го наведуваат како еден од двата најсериозни проблеми со кои се соочуваат скопјани, наспроти 13 проценти во октомври. Зад него овојпат останаа урбаното планирање, криминалот,  корупцијата кај локалната власт, но и аерозагадувањето и комуналните проблеми.

 

 

Последното деновиве стана топ тема во главниот град, откако поради штрајк во јавното комунално претпријатие, веќе трет ден има проблем со собирање на ѓубрето во Скопје.

Резултатот беше преполни контејнери и силна смрдеа поради летните горештини. Штрајкот беше за повисоки плати и враќање на работа на отпуштените колеги.

Без поддршката на партиите, Арсовска и овојпат тешко го менаџира проблемот. Работата отиде дотаму градоначалници од скопски општини да организираат собирање смет со помош на колеги по партија од други општини, а Градот да бара полициска асистенција за комуналните камиони да излезат да собираат смет. Обвинувањата за тоа кој е виновен, доаѓаат од сите страни.

Слично како и со јавниот превоз,  меѓупартиските пресметки повторно се прекршија на грбот на граѓаните, правејќи основа за следната ИРИ анкета, комуналните проблеми да се искачат на врвот на листата во главниот град.

Анкетата на ИРИ е направена меѓу 8 април и 4 мај, на примерок од 1.204 испитаници. Од нив, нешто под 400, биле од Скопје.

АКТУЕЛНО