Арсовска чека помош од Владата, а 350.000 евра годишно плаќаме камати за БРТ

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во телевизиското гостување на „Канал 5“ рече дека досега не добила покана од Владата за средба на која би се разговарало за помош од централната власт за главниот град иако само за два проекти досега Владата има префрлено 8 милиони евра на сметката на Град Скопје.

Владата префрли 2 милиони евра за Универзална сала и 3 милиони евра за дозиградба на трасата по Качанички пат иако овие проекти беа обврски на Град Скопје.

– Ако сака да му помогне на градот, тогаш премиерот треба да ги охрабри своите советници да ги гласаат проектите што ги бараат граѓаните, додаде таа.

Но иако граѓаните го сакаа, сепак Арсовска го откажа проектот за Бас Рапид за кој годижно плаќаме високи камати, а немаме нови автобуси.

Инаку Ковачевски претходно и понуди на Арсовска да помогне околу тоа градот бидејќи како што посочи не може да се доправи ништо што е започнато бидејки граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во Метропола, а не заслужуваат ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат да се караат секој ден кој бил во право

Пари од Владата за Качанички пат

Владата во април и додели наменски средства во висина од 3 милиони евра за изградба на булеварот „Хасан Приштина“, односно за надградба на постојниот Качанички пат кој од Момин Поток води до скопската обиколница.  а вкупната вредност на проектот за изградба изнесува шест милиони евра.

„Во разговор и соработка со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која е надлежна за реализиција на проектот, ги започнавме последните административни подготовки во Владата и Министерството за транспорт за да започне и заврши оваа важна сообраќајна артерија за градот“, објави тогаш на фејсбук првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби.

Изградбата на самиот булевар „Хасан Приштина“ започна во август 2021 година, со стартот на градежните работи за новата клучка кај Момин Поток, која што ќе треба да понуди современо сообраќајно решение за вкрстување на булеварот „8.Септември“ со улицата „Скупи“ и на Качаничкиот пат со булеварот „Никола Карев“.

Новиот булевар „Хасан Приштина“ е надоградба на постојниот Качанички пат, а трасата треба да заврши до скопската обиколница. Бидејќи се наоѓа на територијата на Град Скопје, обврската за изведба на булеварското решение е на градските власти.

Како што најави Груби, целосната реконструкција на тунелот на патот Скопје – Блаце (границата со Косово) треба да заврши во октомври годинава. Комплетната реконструкција на останатиот дел од патот е завршена.

 

Министерството за култура ќе ја преземе Универзална сала

Советот на Град Скопје на 20 јули со 26 гласа „за“, односно со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ја изгласа иницијативата за Владата да ја преземе Универзална сала.

На  Арсовска и помина рокот од  7 дена да изготви одлука за предавање на Универзална сала на Министерството за култура, но засега молчи и не одговара на новинарски прашања.

„Се задолжува градоначалникот на Град Скопје во рок од седум работни дена да подготви предлог-одлука за времено отстапување на Универзална сала на Министерството за култура и тој предлог да го достави до Советот на Град Скопје на првата наредна седница. Се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура“, стои во заклучокот по гласањето на иницијативата.

Универзална сала е затворена 8 години, а градежните работи за реконструкција почнаа во септември 2021 во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. Според проектот, салата требаше да се гради во две фази, прво надворешноста за што беа обезбедени околу 2 милиона евра од Владата и префрлени на наменска сметка на Град Скопје. По завршување на надворешноста според планираното во 2022 година требаше да се уреди внатрешноста.

Сепак ништо од ова не се случи бидејќи отако Арсовска стана градоначалник, градежните работи беа прекинати, а таа го обвини претходното раководство дека е виновно што салата не се гради оти направило небезбеден проект.

Арсовска на оваа тема тврдеше дека е во право и јавно се искара и со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која лани во февруари ја свика Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.

Првиот обид времено Владата да ја преземе Универзалната сала пропадна во март годинава кога за Иницијативата гласаа 15 советници, шестмина беа против и четворица беа воздржани.

За БРТ плаќаме 350.000 евра камата

Арсовска го стопираше проектот за еколошки јавен превоз „Бас Рапид Транзит“, вреден 70 милиони евра кој се спроведуваше со подршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). И покрај тоа што од државниот буџет се плаќаат 350.000 евра годишно камата на ЕБОР.

„Од аспект на решението кое што беше презентирано во јавноста како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно, туку е и на штета на граѓаните на градот Скопје. Пред се затоа што за тој БРТ превоз, нема одлука од Советот на Град Скопје,“ напиша Арсовска на својот фејсбук профил.

Во декември 2021 рече, дека ќе се спроведува реорганизација на ЈСП и дека се работи на проектот за бесплатен јавен превоз за граѓаните кој во целост ќе се реализира за две години, но и дека ќе се набават 250 нови еколошки автобуси. Во меѓувреме граѓаните се соочија со колапс на јавниот превоз.

Есента 2022 започна со штрајк на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) па за прв пат во историјата Скопје остана без јавен превоз. Автобусите беа однесени пред Влада бидејќи Арсовска тврдеше дека септемвриската плата не е исплатена поради долг што владата го има кон претпријатието. Власта негираше.

Неколку недели подоцна и приватните превозници кои во кампања ја поддржуваа, се свртеа против Арсовска. И се „разлутија“ поради новиот оглас за поединечно аплицирање, но и поради неисплатени долгови. Со денови Скопје беше блокирано на клучните крстосници, а линиите редуцирани поради недостиг на автобуси. Граѓаните повторно мораа „пешки“.

Како исчезна проблемот со приватните превозници во Скопје?

За тоа колку Скопјани се незадоволни од проблемите во јавниот превоз покажува и последната анкета која ја објави ИРИ. На прашањето кои се двата најсериозни проблеми со кои се соочува Скопје од 389 испитаници, речиси една третина или 30 проценти одговориле дека е Јавниот превоз што го издигнува на прво место како проблем за граѓаните.

Идејата за набавка на нови еколошки автобуси заглави во Советот на Град Скопје и точката за задолжување од 10 милиони евра не помина оти ВМРО ДПМНЕ и неговите советници веќе одамна и откажаа поддршка на Арсовска. Од бесплатниот јавен превоз скопјани придобивки имаат само кога е екстремно загадено, нешто што беше пракса и пред Арсовска. Реализација на проектот со кој ги „купи“ граѓаните, нема на видик.

„Рачето во медот“ и пресуди на поддршката за Арсовска од Мицкоски

Во средината на септември 2022 година „пукна“ довербата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Кристијан Мицкоски. Одлучи да ги разреши Секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски, како и в.д директор на ЈП „Водовод и канализација од функциите, а тие пак добија поддржка од Мицкоски. Таа ги обвини за несовесно постапување за тендерот за пречистителна станица .Мицкоски велеше дека чесно работеле. На седница на Советот на Град Скопје, Арсовска јавно запраша:

„Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега од еднаш не чинам. Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски, за жал, не е еден од тие“, порача Арсовска.

Тендер вреден 136 милиони евра за Пречистителната станица поради кој настана кавгата беше со пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка. Арсовска ги промени и членовите на евалуационата комисија но проектот беше стопиран. Дури годинава Министерката за екологија го потпиша договорот за станицата со ЕИБ, а Арсовска ова го протолкува како нејзин успех.

Арсовска менува директори, но се бори и против партиско – фамилијарни вработувања

Изминатиот период на владеење на Данела Арсовска го одбележаа и низа промени на директори, во јавните претпријатија па така во ЈСП се променија тројца како и во Зоолошката градина. Во две јавни претпријатија, Паркови и зеленило и Водовод и канализација беа променети двајца. Скандал изби и со именувањето на директор на МКЦ кој беше привремено вработен, без искуство во културата.

Често вработени од овие претпријатија или блокираа улици, или штајкуваа. Последен таков инцидент беше со несобирањето на ѓубрето од контејнерите викендов, бидејќи дел од вработените во ЈП Комунална хигиена не се согласуваа со промените кои ги воведе директорката Косана Мазнева-Николиќ.

На вчерашната прес конференција Арсовска посочи дека фатиле вработени кои 5 години живеат во Германија, а земаат плата од јавното претпријатие, дека 42 лица од исто семејство се на список вработени, од тоа само од неколку фамилии. Ова не беше прв пат таа да се спротивстави на фамилијарно – партиски вработувања. И во случајот со ЈП Водовод и канализација кога имаше најава за штрајк посочи дека претпријатието е „биро за вработување на партиски кадар“, а таа сака да го департизира.

Според поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски кој работеше на децентрализацијата во земјава вели дека Град Скопје e од особено значење па поради тоа дури и во Уставот на државата е дефиниран како посебна единица на локалната самоуправа.

„Јасно ми е дека Арсовска е соочена со многу сопки од политичките партии, особено од ВМРО ДПМНЕ и покрај тоа што ја подржаа на изборите. Но таа мора да знае дека има силна позиција бидејќи со Претседателот, градоначалниците се единствени кои како личности граѓаните ги бираат на непосредни и тајни избори. Додатно градоначалникот на главниот град е четврт по ранг важна личност во земјата со која треба да се среќаваат и странски државници. За жал таа се однесува како многу конфликтна личност, како да работи сама против себе и тешко излегува на крај со кризните ситуации, вели Коцевски.

Арсовска беше променета од Претседател на ЗЕЛС на почетокот на годинава и покрај тоа што ова место речиси секогаш е резервирано за првиот човек на Град Скопје. Таа е еден од малкумината функционери која избра на кој медиум секоја недела ќе дава отчет за сработеното, а често влегува и во конфликт со новинарите.

 

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави