Арсовска го “проба” мостот „Беласица“- тврди конструкција на мостот не е оштетена во пожарот

По една недела откако мостот „Беласица“ е затворен поради пожар градоначалничката Арсовска се појави на лице место и ги обвини и експертите и медиумите за линч. Кажа дека мостот нема посериозни нарушувања, но не и кога ќе биде пуштен во употреба.

„Паушалните тврдења кои што досега произлегоа од политичките агенди на групи и на поединци, не само што шираш страв и паника меѓу граѓаните туку исто така не помагаат никому. Жалам што мора да констатирам дека секоја непогода со која што се соочува градот, резултира со медиумски линч на градската администрација, иако на граѓаните им е повеќе од јасно дека се работи само за очајни потреби од политичко поентирање. Сакам уште еднаш да потенцираме дека во моментот правиме се што е во наша надлежност и наша можност за час поскоро мостот Беласица да биде пуштен во употреба“, вели Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.

Арсовска прво го задолжи Градежниот факултет да направи инспекциски надзор на мостот Беласица,па откако деканот ги кажа опасностите, го негираше неговото мислење за сега да го ангажира сеизмологот Михаил Гаревски од Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени. Неговата проценка е дека мостот нема да има потреба од посериозна санација.

„И да има потреба од некоја додатна да речеме, ја не би го рекол ни зајакнување, ќе мора и ќе се најде некое елегантно и брзо решение кое што ќе овозможи брза санација и брзо пуштање на мостот во употреба“, вели Михаил Гаревски од ИСОГКП.

Врвни стручни лица го вештачат мостот Беласица, а градот Скопје погреши со изјавата дека не треба да се даваат паушални изјави, вели првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов.

„Сметам дека ова прашање треба да го упатите до градот Скопје, но неофицијалните информации кои што ги имам се дека се работи за врвни професори, не само на градежниот факултет на неколку места имаме вакви професори. Јас и самиот кажав дека градот Скопје со нивната изјава, како беше , во насока дека не треба да се даваат паушални изјави малку погрешија бидејќи изјавите доаѓаа од деканот на градежниот факултет. Неговите изјави за мене се се само не паушални“, вели Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Мостот Беласица е затворен и за сообраќај и за пешаци. Се уште нема официјални информации до каде е истрагата и кога оваа сообраќајна артерија ќе биде во функција.

Извор: Телма

АКТУЕЛНО