Search
Search

Бесими купи Граѓанска обврзница од 10.000 денари

Министерот за финансии, Фатмир Бесими на неговиот Фејсбук-профил објави дека купил „Граѓанска обврзница“ од 10.000 денари, за да го илустрира процесот на инвестирање и придобивките за граѓаните и земјата. Бесими пишува дека инвестицијата ќе ја подари на неговата 14-годишна ќерка, како нејзина прва инвестиција за подобра иднина на нејзината татковина.

Денеска решив симболично да купам една „Граѓанска обврзница„ за да го илустрирам процесот на инвестирање и придобивките за граѓаните и земјата:
1. Поднесов барање до банката за купување хартии од вредност – „Граѓанска обврзница“,
2. Банката ќе ме извести за резултатот од аукцијата што ќе се одржи на 13 јули 2023 година,
3. Сопственоста на граѓанските обврзници ќе се евидентира во Депозитарот за хартии од вредност на 20 јули 2023 година. – пишува Бесими.

Министерот вели дека оваа инвестиција од 10.000 денари се очекува две години по ред да носи принос од 500 денари и тоа на 20 јули 2024 година и истиот датум во 2025 година, кога, ќе му биде вратена вложената вредност.

Со оваа инвестиција симболично ќе придонесам за развојот на земјата со развојни проекти кои се финансираат од буџетот на државата во интерес на економијата и благосостојбата на граѓаните. Граѓанската обврзница е инвестиција и за идните генерации – затоа истото ќе и го подарам на Аурела, мојата 14-годишна ќерка, како нејзина прва инвестиција за подобра иднина на нејзината татковина! – се вели во објавата на министерот.

За да избегне каков било конфликт поради неговата јавна должност, Бесими најави дека нема да учествува со дополнителни инвестиции во граѓански обврзници додека ја извршува министерската функција.

Тој ги покани граѓаните да бидат дел од овој развоен процес на земјата, за кој вели дека нуди „лична благосостојба и сигурни и поволни инвестиции“.

 

АКТУЕЛНО