Search
Search

Блинкен ги повика Курти и Вучиќ безусловно да го спроведат Бриселскиот договор

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен имал телефонски разговор со косовскиот премиер Албин Курти и со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Косовскиот премиер Албин Курти разговарал за ситуацијата во северно Косово со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Тие разговарале за дијалогот што го води високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел за деескалација и нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Во тој контекст, Курти го информирал Блинкен за билатералната средба минатиот четврток во Брисел кога трилатералната средба не се одржа поради неподготвеноста на претседателот на Србија.

Курти и Блинкен разговарале, како што се наведува во соопштението, „за состојбата во четири општини на северот на Косово, за нови избори на кои мора да им претходи владеење на правото, за насилните екстремисти кои ги нападнаа војниците на КФОР, косовската полиција и новинарите и за тројцата српски потпретседатели во општините Лепосавиќ, Звечан и Северна Митровица“.

Се зборувало и за конфискацијата на оружје и големата количина муниција во автомобил со белградски регистарски таблички, како и за потребата од целосна, доследна и безусловна примена на бриселскиот основен договор.

Курти му се заблагодарил на Блинкен за континуираната и сеопфатна поддршка од САД и го информирал за постигнувањата на Косово на полето на економијата, демократијата и владеењето на правото.

Американскиот државен секретар во телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ ја поздрави веста за ослободување на тројца припадници на косовската полиција, пренесува Танјуг.

Според Стејт департментот, Блинкен повикал на деескалација на тензиите меѓу двете страни.

Блинкен, исто така, повторил дека одговорните за неодамнешните напади врз членовите на КФОР во северно Косово треба да одговараат и ја нагласил континуираната поддршка на Вашингтон за планот од три точки на Европската Унија.

„Американскиот државен секретар го повика Белград веднаш да преземе чекори за спроведување на обврските од договорот за нормализација на односите со Косово“, се наведува во соопштението.

АКТУЕЛНО