Search
Search

Чествување за Мара Бунева: Македонците и Бугарите се народ на светлината

 
Присутните положија цвеќе на плочата на Бунева, а потоа го развија знамето кое ја претставува Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) на кое пишува „Македонија на Македонците“.

– Дојдовме да го испочитуваме споменот на нашата револуционерка Мара Бунева, која за нас Бугарите е светлина, исто како и за Македонците. Сакам да кажам дека е крајно време ние православните Словени кои сме и Бугари и Македонци и Руси и Украинци, Белоруси и Црногорци да се обединиме и заедно да ги славиме сите празници, а не да се делиме. Не треба да дозволиме други земји да не делат и провоцираат. Не треба никако да го дозволиме фашизмот во нашите држави, тоа е кафеавата чума со којашто само ние заедно можеме да се избориме. Ние ги сакаме и почитуваме Македонците. Македонија е суверена земја, но е православна држава како нас, тоа не поврзува. Духовното не се дели, а тоа треба да им биде јасно на сите фашисти кои се обидуваат на секој начин да не делат од разни партии од Бугарија и Македонија. Македонците и Бугарите се народ на светлината и заедно треба да го ослободиме, да го промениме целиот свет – порача Атанас Стефанов, еден од присутните на настанот, дојден од Бугарија.

Секоја година членови на бугарски организации се собираат на кејот на Вардар во Скопје пред плочата на Бунева и оддаваат почит на ликот и делото.

На 13 јануари 1928 година, Мара Бунева извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ, на кејот на реката Вардар, кај Камениот мост во Скопје. Нејзините последни зборови биле: „За Македонија!“. За Бугарија, Прелиќ претставува симбол на „српскиот терор и ропство“. По атентатот, Бунева самата се застрелала за да не падне во рацете на српските власти, а на повредите им подлегнала еден ден подоцна, на 14 јануари.

 

Спомен-плочата и воопшто ликот на делото на Мара Бунева во Македонија поинаку се гледа. Еден дел македонските граѓани и историчари сметаат дека Бунева како член на ВМРО на Иван „Ванчо“ Михајлов се борела за бугарската кауза и оттука нивните чувства кон спомен-плочата и случувањата околу неа се негативни и ги чувствуваат како националистички провокации од разни пробугарски и бугарски националистички друштва и партии.

Во минатото спомен плочата поставена во чест на Мара Бунева, на кејот во Скопје, од страна на бугарските здруженија, постојано беше мета на вандалски чин од непознати сторители.

Бунева е родена 1902 година во Тетово од мајка Ана и татко Никола. Основно училиште завршила во Тетово, а средно образование во Скопје. Таткото на Мара Бунева бил Никола С. Бунев кој во својот живот негувал пријателски врски со видниот публицист родум од Тетово – Матеја Геров и со познатиот д-р Никола Герасимов. Во семејството на Мара Бунева имало шест деца: Борис, Лазар, Мара, Надежда, Вера и Елена.

 

АКТУЕЛНО