Децата на тенката линија меѓу солидарноста и стигматизацијата во медиумите и општеството

ДИЈАНА ТАХИРИ

Пред неколку дена во медиумите се објави вест дека во Скопје,  две девојчиња  на возраст од 12 и 15 години исчезнале, односно 15-годишното девојче го извадило 12-годишното девојче од час и заминале во непознат правец. Првиот аларм, според социјалните мрежи, а потоа и медиумите, дојде од таткото на 12-годишното девојче.

За поздравување е безрезервната солидарност на граѓаните кои без размислување го споделија на социјалните мрежи повикот на таткото на едното од девојчињата.  Ден потоа од навивачката група „Шверцери“ упатија повик до сите членови,  да ги бараат девојчињата во текот на ноќта.  Но, како што обично бива кај нас, и покрај искрената и безрезервна солидарност, остана горчливиот вкус од насловите и содржините на одредени медиуми, поточно на порталот „Pa Censure“ (Без Цензура), каде читателите, во потрага по информации за случајот, имаа можност да прочитаат текст со многу интимни (дез) информации за двете девојки, со предрасуди, клевети и  информирање надвор од секаква човечка етика и, конечно надвор од новинарската етика. По многубројните реакции, дотичниот портал го отстранил текстот, но благодарение на брзите реакции – остана трага од скриншот од објавата.Текстот  од објавата  во продолжение   е ископиран и преведен од скриншотот.

„Причината зошто девојките си заминале е катастрофата што чекаме да не затекне …! Со сите права на таа заедница! Родителите треба итно да реагираат… Со максимално внимание  за ова што го пишуваме бидејќи се работи за малолетници!

Но, добар дел од вината има и училиштето, каде девојчињата пред две недели ги признале своите чувства  пред  раководителот на училиштето. Несреќа!“

Скриншот од објавата на порталот „Без цензура“

Уредникот, или уредничката на дотичниот портал, пред се, нема првично познавање за правилно известување/информирање, особено кога се во прашање децата, а во случајов, деца што се водеа за исчезнати.  Во горенаведениот напис, девојчињата, освен што се  експонирани на крајно безобразен начин,тие се стигматизирани, дискриминирани, се ставаат во предрасуден и негативен контекст, според светогледите на авторот/ авторката, која апсолутно не  ја интересира  сликата што ја создава за децата, слика/ наратив  што ќе ги следи во текот на животот, без разлика дали е вистинит или не, земајќи ги предвид сите аспекти и кревките општествени контексти во кои живееме.

Малолетните девојчиња беа пронајдени по два дена, кога граѓанин ги забележал додека ја преминувале улицата во една од скопските населби и веднаш ја известил полицијата. По оваа радосна вест, во медиумите се појави фотографијата од двете девојки во автомобилот, направена по пронаоѓањето. Што во никој случај не требаше да се случи. Следеа многу коментари за изгледот на девојките, со многу навреди и квалификации, па се до експлицитни описи зошто изгледаат како што изгледаат. И овде медиумите потфрлија – наместо да ги заштитат малолетните девојчиња, со објавувањето на фотографијата поттикнаа говор на омраза и најниски квалификации.

Она што е многу важно, во овој случај, но и како што сме сведоци  и во многу други случаи (а кои го немаа епилогот како девојчињата) е безбедноста на децата во училиштата. А со ова сигурно ќе се (ако не веќе)  позанимаваат  соодветните органи – како може ученик  да напушти час, односно некој да го земе од час, без дозвола на родителот?!? Наставничката или наставникот што  дозволил ученикот да го напушти часот по  повик на некој друг освен родителот или личност назначена/ ополномоштена од родителот, треба да се повика на одговорност.

Првата работа на Советот за етика во медиумите е да ги забележи и стави во соодветен систем на проверка сите медиуми кои деновиве, но и во минатото непрофесионално ја „информираат“ јавноста, а другите надлежни органи, да ги санкционираат, а зошто да не, и да им се одзеде лиценцата за работа, за да не се повтори.

Од Министерството за труд и социјална политика веќе информираа дека ќе им пружат институционална поддршка на девојчињата, а јас лично апелирам до надлежните органи на оваа и секоја друга институција што ќе се занимава со овој случај, да ја завршат работата до крај, поточно,  да ги постапи соодветно со сите актери во оваа, за гледачите – можеби кратка, но за родителите, драма долга колку еден цел живот.

Извор: ЦивилМедиа

АКТУЕЛНО

Поврзани објави