Дрво падна врз жена кај Европски универзитет

Силниот ветер кое попладнево дивее во Скопје собори дрво кај Европски универзитeт и повреди жена која веднаш била пренесена на скопските клиники.

На местото на несреќата излезени се скопските пожарникари и полициски екипи.

Поради паднатото дрво сообраќајот се одвива отежнато.

Жената на околу педесетина години не е во животозагрозувачка состојба, потврди за МИА, доктор Драган Панов од Итната медицинска помош во Скопје.

– Наша екипа со помош на пожарникари ја извлекле. Таа немала надворешни видливи повреди. Се пожалила на болки во кичма и по телото, по што е однесена на опсервација на клиника. Треба да се направат снимки за да се види дали има некаква фрактура, појасни тој за МИА.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека од силниот ветер, попладнево има паднати дрвја на неколку локации низ главниот град на државава.

Од УХМР ппредупредија дека во текот на вечерните и ноќните часови ќе има потреба од внимателност во повеќе региони, како и внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и места каде има опасност од одрони и свлечишта.

– Попладнево и во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер (над 70 km/h) и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени, информираа од УХМР.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави