Search
Search

Две години мандат: Како Данела Арсовска ги „извози“ скопјани?

 
 

Отвореност беше првата точка во изборната кампања на градоначалничката Данела Арсовска. Но, после две години мандат Арсовска е нетранспарентната градоначалничка, а Град Скопје најмалку отворен во неговата досегашната историја.

„Отвореност-одлуките ќе ги носиме сите заедно. Нема повеќе политиканти, експерти ќе решаваат како да се справиме со предизвиците. Преку дигитални решенија, градот брзо ќе се поврзува со своите скопјани да им помогне при решавањето на проблемите, со гаранција за транспарентност и отчетност во работата, ќе ги заштитиме правата на граѓаните со градски Омбудсман. Сето тоа заедно во партнерство со скопјани“, стои на првата страница во изборната програма „За модерно Скопје“, со која Арсовска победи на локалните избори пред две години и на 8 ноември 2021 година седна на градоначалничкото столче како прва жена градоначалничка.

По две години мандат Арсовска ниту е отворена ниту се реализирани клучните проекти од изборната програма. Градоначалничката не свикува прес-конференции, не одржува брифинзи со новинари, ниту писмено одговара на новинарски прашања. Не се појавува на седници на Советот на Град Скопје, а бара да се гласаат одредени точки кои таа ги предлага. Не одговара на советнички прашања на советници, кои се поставени од граѓаните. Не се појавува ниту на настани на кои ќе има новинари, туку сама се слика и објавува слики на својот Фејсбук профил. Арсовска немаше отчет ниту за двегодишното работење иако тоа го најави во емисија на телевизија.

„Следи две годишнината и нормално презентација на се она што е реализирано, следуваат новите проекти кои се ветени пред граѓаните, благодарам на граѓаните за поддршката и покрај политичката хајка, верувам дека нема да ги разочараме и ќе имплеменитраме се она што е во нивни интерес“, изјави на 2-ри ноември градоначалничката Данела Арсовска гостувајќи во емисијата „Здраво Македонијо“ на Канал 5. Од тогаш до денеска поминаа 24 дена, а најавената презентација никогаш не се случи, но тоа не нешто ново, бидејќи најавени прес конференции и претходно не се одржувале.

Во емисијата таа рече дека од програмата има реализирано над 50%.

„Тоа се над 200 проекти за кои за жал на одредени медиуми нема да слушнете или нема да ги видите да бидат испромовирани иако се во интерес на граѓаните“, изјави Арсовска.

Главните проекти со кои ги доби изборите бесплатен автобуски превоз и 250 нови еколошки автобуси не се реализирани, а најверојатно и нема да се реализираат.

Во изборната програма на Арсовска има 15+1 приоритетни проекти за Скопје, но од нив реализиран целосно е само еден, односно ја намали цената за паркирање за 25 отсто. Пред еден месец почна со уредување на зелен коридор на реката Серава, додека за Лепенец како што вети во програмата нема никаква активност. Арсовска вети дека ќе ги исчисти дивите депонии уште во првите 82 дена, но во Скопје не само што има повеќе диви депонии туку и целиот град е валкан и затрупан во ѓубре.

 

Дел од проектите на Арсовска во изборната програма „За модерно Скопје“.

1.ПЕТ НОВИ МЕГА ПАРКОВИ ВО СКОПЈЕ-Изведен е само еден парк.
Ветување: На 5 локации во градот кои веќе се определени, во Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, предвидуваме создавање паркови по примерот на Градскиот парк.

Реализација: Досега изведен е само паркот во Општина Ѓорче Петров, населба Даме Груев, но по својата површина не е ниту приближно голем колку Градски парк.

2. БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ-Не е реализирано

Ветување: Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и бесплатен јавен превоз. Предвидуваме целосно бесплатен квалитетен јавен градски автобуски превоз што ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор.

Реализација: Во Скопје не само што нема бесплатен автобуски превоз туку јавниот превоз е во хаос. Нема доволно автобуси на улиците, на станиците се чека автобус по половина час и повеќе, а кога ќе пристигне е преполн со патници, па дел од граѓаните не може да се качат во возилото. На 20 октомври лани Скопје за прв пат остана без јавен превоз откако шоферите протестираа и не возеа бидејќи не им беше исплатена плата. Арсовска ги исклучи од јавниот превоз лани во декември приватните превозници, па во Скопје настана хаос, немаше автобуси бидејќи ЈСП „Скопје“ не можеше да ги покрие сите линии на приватниците.

5 НОВИ БУЛЕВАРИ ВО СКОПЈЕ-Не е реализирано

Ветување: Доколку сакаме модерен и урбан град, со намалена бучава и истовремено со грижа за своите граѓани и стопанството, наша обврска е да инвестираме во брзи конекции помеѓу главните населени места во градот. Затоа предвидуваме отпочнување на изградба на булевар Хрватска (во соработка со централната власт), продолжување на булевар Борис Трајковски до Драчево, продолжување на булевар Словенија до Ѓорче Петров, како и продолжување на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ до кракот со бул. Ѓорче Петров со 4 ленти. Предвидуваме и подземни сообраќајници под кружниот тек кај Нова Македонија со влез од кај Кисела Вода и излез кон кружниот тек кај Католичката црква.

Реализација: Ниту еден од петте булевари не е направен ниту пак почнат да се прави. Нема никаква отпочната активност за булеварите Хрватска и Словенија до Ѓорче Петров, не е чепнато ништо на булеварот Борис Трајковски каде градежните работи почнаа во време на ексградоначалникот Петре Шилегов, ниту пак се почнати некави активност за кружните текови за подземната улица кај Нова Македонија и кај влезот на Кисела Вода. Единствено распишан е тендер за проектирање на трасата за проширување на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, за што ќе биде потребно најмаллку еден година да се заврши процесот на избор на фирма за проектирање и изработка на проектот.

СООБРАЌАЕН КОРИДОР МАВРОВКА-Не е реализирано

Ветување: Решавањето на сообраќајниот хаос кај трговскиот центар Мавровка е комплексен, но задолжителен приоритет. Затоа, во низата капитални проекти за намалување на сообраќајниот хаос во градот, ја сместивме и една од најфреквентните крстосници помеѓу булеварите Крсте Мисирков и Гоце Делчев. Императив за новата градска власт е да се намали застојот во сообраќајот. Со овој проект епредвидено да се изгради модерен булевар-крстосница на неколкунивоа кој ќе започнува од крстосницата кај East Gate Mall па се до плоштадот кај Скопската чаршија.
Реализација: Досега нема ништо направено за реализација на овој проект.

ПРЕПОРАЧУВАМЕ  Четврток неработен за администрацијата и учениците во Скопје

НАЈДОБАР ЛУНА ПАРК НА БАЛКАНОТ И ДВА НОВИ ЗАБАВНИ ПАРКА: Не е реализирано

Ветување: Спомените од скопскиот Луна парк не смее да останат само спомени. Затоа планираме брзо опремување на централниот Луна парк во Градскиот парк со бројни содржини (ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг). Луна паркот ќе го отвориме уште во првата половина на мандатот. Освен за најмладите, овој парк на скопјани ќе им понуди содржини за сите возрасни категории.Останатите два забавни парка се планирани во општина Гази Баба на потегот кон општина Чаир, како и во Аеродром, преку соработка со општинските власти и процес на јавно-приватно партнерство.

Реализација: Нема никаква постапка за постојниот луна парк за кој има проект од претходното раководство, а камоли за изградба на уште два други забавни паркови.

250 НОВИ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ-Не е реализирано

Ветување: Заради намалување на загадувањето во главниот град, предвидуваме транзиција кон целосно еколошки јавен транспорт. Нашата цел е поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина. Во соработка со централната власт и меѓународни партнери, се обврзуваме на промена на автобускатафлота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси.

Реализација: Нема ниту еден нов автобус ниту почната постапка за јавна набавка.

ЗЕЛЕН СПОРТСКИ КЕЈ ОД ЃОРЧЕ ДО ДОЛНО ЛИСИЧЕ-Не е реализирано

Ветување: Кејот, од двете страни на реката Вардар, мора да прерасне во голем зелен коридор. Овој капитален проект предвидува целосно осветлување со паметни и штедливи светилки, засадување погодни садници, изградба на спортски зони, комплетирање на велосипедски, тартан и пешачки патеки, со целокупна дополнителна инфраструктура, Скопје ќе добие повеќе од 40 километри корисназелена хумана површина за дружење, спорт, рекреација вонајурбаното јадро на градот.

Реализација: Нема никаква активност за изградба на зелениот кеј.

РЕВИДИРАЊЕ И ПРИЛАГОДУВАЊЕ НА ПРОЦЕНКАТА ЗА ДАНОК НА ИМОТ-Не е реализирано

Ветување: Градот Скопје ќе ги ревидира и целосно прилагоди постапките и проценките на имотот на граѓаните, а во согласност со Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот. Проценката мора да биде реална и имотот на граѓаните да не биде преценет. Ќе спроведуваме политика на ниски, но реални и остварливи даноци за граѓаните.

Реализација: За ваков проект досега Арсовска никогаш не говорела за време на двегодишниот мандат, ниту пак објавила на својот Фејсбук профил каде што единствено објавува информации за нејзината работа, дека се извршени некакви ревидирања.

Извор 4 News

АКТУЕЛНО