ЕСМ контра Арсовска: Санацијата на мостот „Беласица“ не е наша надлежност

Државната компанија ЕСМ вели дека тие не се надлежни за санација на оштетените делови од мостот. Град Скопје во саботата објави дека се пуштени две ленти од мостот за движење на лесни возила и дека санацијата ќе ја прави ЕСМ кога ќе ги става новите цевки за парно. Но, од компанијата ги демантираат ваквите тврдења на Градот.

„Снацијата не е во наша надлежност, како што не е ни мостот. Наша обврска е поставување на цевки од топловодната мрежа и тоа ќе го завршиме. Оштетените цевки се веќе извадени, после санацијата ќе се стават новите“, велат од ЕСМ.

Град Скопје во саботата преку соопштение објави дека согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот на булевар „Беласица“, утврдено е дека истиот нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста на мостот.

„Од извештајот констатирано е дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија“, соопштија од Град Скопје.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави