Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска се очекува да пристигне во Скопје. Според најавите, таа попладне ќе се сретне со претседателот на државата Стево Пендаровски, а за утре е најавена средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Тема на разговор како што најави вицепремиерот Бојан Маричиќ се очекува да биде околу потребните и неопходните реформи, како и за дополнителните средства што треба да ги добиеме како помош од ЕУ и мотивација за реформите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски без да прецизира дали ќе се сретне со Фон дер Лајен, порача дека тој очекува пријатно изненадување, односно ЕК да излезе со позиција за безусловен старт на преговори за земјава.
Фон дер Лајен од Скопје ќе отпатува за Приштина, а потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево. Посетата, како што е најавено, ќе ја искористи да разговара за билатералната соработка со регионалните лидери и за подетално да им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.