Search
Search

Герасимовски: Подобри урбанистички и сообраќајни решенија во новиот ДУП Крњево 2

Во новиот план Крњево 2, кој Советот на Општина Центар го донесе на последната седница, е водено сметка и за урбанистичките и за сообраќајните решенија, а намалена е и градбата на објектот, уверува градоначалникот Горан Герасимовски. Во соопштение од Општина Центар се наведува дека наместо „ѕид“ без прекин на северната страна од 5 споени објекти, кој предвидуваше висина од 19 метри и должина од вкупно 151 метар, во новиот план вцртан е разбиен „ѕид“ на 2 дела од 56 и 68 метри со простор меѓу нив, каде што секој дел е составен од по 3 споени објекти.

„При изработката на овој план ги земавме предвид сите параметри и водевме сметка да донесеме што е можно подобро решение, кое нема да биде на штета на нашите жители. Подобрени се урбанистичките решенија и за разлика од стариот план, во овој зголемено е растојанието помеѓу објектите, со што се добива поголемо проветрување на просторот и поголема осветленост. Наместо еден, воведовме два влеза и излеза во населбата, а Крњево ќе добие и нова пешачка улица“, вели Герасимовски.

Стариот план, како што објаснуваат од Општината, предвидувал и „ѕид“ без прекин на јужната и источната страна, со висина од 42 метри и должина 206 метри, кој бил оформен од 1 објект и кој фрлал сенка на целата населба. Во новиот план целосно е ослободена јужната страна во делот каде големиот комплекс се доближуваше најмногу до другите објекти и од каде фрлаше најмногу сенка врз населбата, а развиената површина на објектот е намалена од 57456 м2 на 33724 м2.

Севкупно, развиената површина на објектите за домување во ДУП-от Крњево 2 е намалена од 144.931 м2 на 93.640 м2, односно за 35%, потенцираат од Општина Центар.

Вчера „Призма“ објави дека зградата што треба да ја прави градежниот инвеститор Ванчо Чифлиганец, меѓу кампусот на  универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и трговскиот центар „Ист гејт“, ќе биде на три дела, од кои најнискиот ќе има осум, а највисокиот 19 нивоа или 60 метри. За 30 метри пониско од соседната зграда на МРТВ.

Станува збор за зграда што со старото планско решение од 2011 година требаше да го пополни речиси целиот паркинг кај хотелот ВИП, на аголот меѓу булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Беласица“. Тој објект требаше да има 14 нивоа, односно приземје, 12 ката и поткровје, со вкупна висина од 42 метри од почетокот до крајот. Зад него, во населбата во која голем дел од објектите се супстандардни, беа предвидени тројно пониски станбени згради.

 

АКТУЕЛНО