Граѓаните едвај закажуваат за промена на документи, слободни термини од почетокот на октомври

Законска обврска на граѓаните е, според Договорот со Грција од Преспа, до февруари идната година сите документи на граѓаните во Република Македонија да бидат со придавката Северна.

Промената на документите на граѓаните (пасоши, лични карти и др.) освен што ги чини пари, бидејќи се на нивни трошок, предизвикува нервози и ги чини трошење нерви, бидејќи многумина се жалат дека имале тешкотии при закажувањето на термин за вадење нов документ.

Телефонските линии се недостапни, а додека пак страницата за закажување често е надовор од функција.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски деновиве потсети дека граѓаните мора да ги извадат новите документи, бидејќи по февруари 2023 година нема да важи ниеден документ и да не е со изминат рок на важност ако не е со новото име на државата и придавката Северна.

-Според податоците добиени од економскиот оператор кој што за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, за аплицирање за лични документи во Скопје првиот слободен термин е во почетокот на октомври, велат  од Министерството за внатрешни работи за Градска.мк.

Од МВР не одговорија дали би имало некакви привилегии за граѓаните кои имаат важечки документи, а ги извадиле во период кога иметѕо на земјата веќе беше сменето, поточно во 2021 година, а нови материјали не беа стигнати во министерството.

-Напоменуваме дека, доколку граѓаните имаат итна потреба од документи, постои итна постапка преку која може веднаш да се добијат бараните документи. За другите градови, има слободни термини и во август. МВР максимално искористувајќи ги сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници, ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи, додаваат од МВР.

 Граѓаните можат да закажат термин телефонски, но и електронски преку сајтот на МВР, но и преку порталот uslugi.gov.mk.

Соња Танеска

АКТУЕЛНО

Поврзани објави