Search
Search

Граѓаните и трговците сѐ повеќе користат и прифаќаат платежни картички

На крајот од 2023 година во оптек биле 1,9 милиони платежни картички во земјава, од кои 76 проценти биле засновани на бесконтактна технологија.
Дигитализацијата продолжува да ги менува навиките на граѓаните при извршувањето плаќања – сѐ почесто се користат современи канали за плаќање, покажуваат податоците што ги објави Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) за 2023 година.

Се зголемува употребата на платежните картички од страна на граѓаните за извршување плаќања во трговијата во земјава, што се согледува преку засилениот годишен раст на бројот и вредноста на плаќањата, за 18 и 17 отсто, соодветно.

Во однос на плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери, односно со платни налози, се забележува годишен раст од 5 отсто на бројот и 12 отсто на вредноста на налозите.

„Иако плаќањата со кредитни трансфери сѐ уште најмногу се вршат на шалтерите на банките (71%), податоците за изминатата година ја потврдуваат и сѐ почестата употреба на дигиталните канали, со годишен раст од 16% кај бројот и 19% кај вредноста на плаќањата иницирани електронски“, велат од Народна банка.

Граѓаните сѐ почесто ги употребуваат и мобилните апликации за извршување на плаќања – бројот на плаќања преку апликација во 2023 година во однос на претходната година се зголемил за 22 отсто, а вредноста на плаќањата за 30 отсто.

На крајот од 2023 година во оптек биле 1,9 милиони платежни картички, од кои 76 проценти биле засновани на бесконтактна технологија.

Платежни картички се прифаќаат на вкупно 32.198 уреди на физичките места на продажба, кај вкупно 15.804 трговци во земјава, од кои високи 95 отсто ја поддржуваат бесконтактната технологија.

Годишен раст од 6 проценти во однос на 2022 година е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажба на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата.

Според податоците за 2023 година на Народната банка, со прифаќање на платежните картички, трговците плаќале просечен надомест во висина од 1,12 отсто од вредноста на прометот, што е помалку за 0,01 отсто во споредба со претходната година.

Притоа, најголемо намалување се забележува кај надоместокот за плаќањата за дејноста информатичка технологија и бела техника, како и услугите на државните институции и на бензинските станици.

АКТУЕЛНО