Search
Search

Град Скопје издава решенија за сечење на дрвјата, но граѓаните можат да ги обжалат

Граѓани алармираа дека покрај булеварот Осми септември се исечени здрави дрвја. На сликите што се споделуваат на Фејсбук може да се види дека исечените стебла навистина изгледаат здраво, иако објаснувањето од надлежните секогаш е и ќе биде дека се стари и исушени дрвја.

Од почетокот на годината, на барање на советниците од „Зелен хуман град“, Секторот за комунални дејности на Град Скопје започна да ги објавува решенијата што ги издава за сечење, кастрење или пресадување дрвја, па скопјани во секое време можат да имаат увид во тоа кој побарал такво нешто и каде Градот дозволил да се спроведе барањето.

Според она што може да се види во последните два месеца, издадени се две решенија за сечење дрвја на булеварот Осми септември. Едното е издадено на 26 април и со него се дозволува сечење на 25 јавори на булеварот, но со обврска во рок од 7 дена по сечењето да се изврши компензациско садење на исто толку дрвја постари од шест години на истата парцела.

Потребата за нивно сечење ја утврдиле вработени стручни лица во Градот заедно со стручни лица од ЈП „Паркови и зеленило“, кои, како што стои во решението, постапувајќи по службена должност, утврдиле дека „дрвјата се суви и постои потенцијална опасност од паѓање и причинување материјална или друга штета“.

Во решението не се наведени точните локации каде се сечеле дрвјата. Со второто решение издадено на 19 мај се одобрува сечење на две брези на булеварот Осми септември, зад зградата на број 7. Сечењето го побарала фирмата „Мегарон инженеринг“, а стручњаците и за овие дрвја утврдиле дека се целосно суви и шупливи и дека не постојат услови за нивно пресадување. Не се знае дали некое од исечените стебла на фотографиите што се споделуваат по социјалните мрежи е опфатено со овие решенија или не.

Но, секој што ќе погледне во издадените решенија во изминатите шест месеци може да забележи дека се сечат голем број дрвја, а одамна ниту Градот ниту општините не се пофалиле со некоја акција за садење нови. Она што исто така може да се забележи на крајот на секое издадено решение е правната поука, според која во рок од 15 дена од неговото донесување, може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина.

Токму на тоа укажаа и од „Зелен хуман град“ кога започна практиката за објавување на сите решенија за интервенција врз зеленилото, односно врз дрвјата. Тие ги посоветуваа граѓаните како да го користат правото за жалба. Нема потреба да сте жител на таа улица за да поднесете жалба, тоа може да го стори секој граѓанин на Македонија со валидна причина доколку смета дека интервенцијата не треба да се случи – информираа од „Зелен хуман град“.

Жалбата се поднесува рачно во архива на Министерството за животна средина, лоцирано на Плоштад Пресвета Богородица, а формуларот за жалба може да се најде на веб-страницата на Министерството. Па, така, наместо критики по социјалните мрежи, граѓаните можат самите да придонесат да се зачува зеленилото во градот. Доволно е само да ги следат издадените решенија и секој во реонот каде што живее, а каде се планира сечење, да провери дали има аргументи за да се обжали одлуката. Или како што наведуваат од „Зелен хуман град“ – Зеленилото во Скопје мора да се штити по секоја цена – здравото да се чува од уништување, а тоа што е во лоша состојба да се лекува!

Извор: Слободен печат

АКТУЕЛНО