Градоначалници, ајде оладете малку…

АНЕТА ТАСОВА

Повеќе од три недели високи температури, најавен топол бран, згора на тоа и лето. Како што во зима снегот секогаш е изненадување, така и во лето горештините исто.

Сè си мислам дека не е можно да не ви текнува дека треба да ги измиете улиците, да се намали малку топлината на жешкиот асфалт и да се собере прашината за да може барем да се дише.

Нели не е можно да не ви текнува дека треба да се измијат улиците, да се навадат и онака малкуте зелени површини и да биде малку полесно и почисто околу сите нас и пред сè околу Вашите гласачи, почитувани градоначалници?! Мислам на Вас од главниот град, ама може да важи и за другите. Кој како дојде деновиве да заврши некоја работа во Скопје, болен се враќа дома, не знае од што му е. Како да снемал воздух! Мисли луѓето кои живеат овде се навикнале, нормално било ова?! Навистина, нормално ли е?! Да не се дише?!

Сте биле колку толку во странство, не мора далеку де, ете до „Грчка“. По туристичките места се мие секое утро и секоја вечер. Не дека е чисто само од себе, си има свое зошто? Само Вашето зошто не ви текнува не го разбирам. Веројатно не е затоа што штедите вода, познати сме по сè друго, само не по штедењето. Приватните базени се полни, Вардар има вода… Не мора па вие сега одма секој ден по двапати, барем еднаш во животот, или мандатот доволно ќе да е… а и не е некоја научна фантастика, треба само црево, вода и желба да им се помогне на луѓето.

Не е само лошо време кога има снег, дожд, ветер и град, туку и кога пече, гори и пржи, а Вас Ве нема.

Извор: БРИФ

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави