Search
Search

Хаосот со дивите такси превозници го плаќаат граѓаните

Во такси дејноста по светските метрополи веќе возат и автономни такси возила, по европските и регионалните метрополи постои целосно уреден високо квалитетен еколошки такси превоз со вклучена либерализација (пазарно формирање) на цена и воведени виртуелни таксиметри какви што постојат насекаде во светот (без можност за никаква ценовна манипулација/крадење од страна на превозникот), а во Скопје владее тотален хаос во севкупната такси дејност и воопшто во такси превозот.

Ова е особено изразено во последните две години повеќе од било кога владее хаос во такси превозот во Скопје. Нелојалната конкуренција и сивата економија, ја доведуваат во прашање безбедноста на патниците и другите учесници во сообраќајот, го зголемува метежот во сообраќајот, го зголемува загадувањето во градот и создаваат лоша претстава за такси дејноста во Градот Скопје.

Иако граѓаните често се жалат  во медиумите и социјалните мрежи, се чини дека градските власти немаат слух за решавање и на овој дел на јавниот превоз бидејќи подеднакво лоша е и состојбата со ЈСП и приватните превозници.

Всушност градоначалничката Данела Арсовска последната средба со такси превозниците како што може да се заблежи на социјалните мрежи, ја имаше предизборно во 2021 година. Оттогаш па до денес во нејзиниот план за „Модерно Скопје“ нема преземено ниту една активност поврзана со овој проблем ниту пак одговара на новинарски прашања дали такси превозот ќе биде конечно регулиран.

Скопје како град кој ќе биде престолнина на културата и треба да привлече туристи е лоша слика и за странците кои често се жалат за измами особено со дивите такси превозници.

И Групацијата на авто-такси превозници сака да се среди нелојалната конкуренција

-Моменталната состојба во авто такси превозот во Град Скопје е катастрофална, кој сака става табла и вози такси со било каква боја на такси возило, без таксиметар или со ненаштелувани таксиметри, нелиценцирано возило, непријавен такси возач, вели за Градска.мк Сашо Рајчановски, претседател на Групација на авто такси превоз на Град Скопје.

Тој вели дека и до групацијата се почесто се жалат граѓани корисници на авто такси превозот дека им се наплатуваат високи цени по “диво” наштелувани таксиметри или по некоја апликација од мобилен телефон.

-Ист Гејт, Транспортен и Клинички центар се местата од каде доаѓаат најголемиот број на жалби.Вакво безредие во авто такси превозот никогаш немало. Дававме предлози за решавање на авто такси дејноста во градот Скопје кои институциите ќе ги чинеше 0 (нула) денари, а со кои гарантиравме намалување на сообраќајниот хаос, намалување на загадувањето, намалување на невработеноста и зголемување на Буџетот по основ на придонеси на нововработени лица, но безуспешни се сите залагања на Групацијата на авто такси превоз за институционално решавање на проблемите во авто такси превозот во градот Скопје, вели Рајчановски.

Тој за Градска.мк појаснува дека со овој проблем запознаена е инспекцијата за патен сообраќај на Град Скопје, Трудовата инспекција, Градот Скопје.

-Имавме изјави во медиуми , апел до соодветни институции да се превземе нешто со што ќе се стави ред во авто такси превозот,ама никој ништо не презема.
Во фаза на изготвување е новиот Закон за превоз во патниот сообраќај, каде во делот на таксито НЕ предвидува подобрување на состојбата , напротив зголемување на хаосот поради намалување на казните кои ионака не беа високи. Дадовме свои реални забелешки, мислења и предлози кои во колку бидат игнорирани , хаосот во такси превозот ќе биде поткрепен со Закон, додава тој.

Дали е загрозена безбедноста на патниците?

Општа позната флоскула е дека такси возилата се лицето на една земја, а квалитетот на такси услугата е олицетворение на функционалноста на системот во таа земја. Ова важи посебно за метрополите каде што редовно доаѓаат странски туристи, а кои за жал не можат да се пофалат од скопскиот такси превоз кој реално е на ниво на помалку развиена земја од афричкиот континент.

Во Скопје квантитативно доминираат такси превозници со просечна старост на возила од 20тина години, а често по Скопските улици може да се види и по некој раритет такси возило со старост од 30 но и 40 и повеќе години. Апсурдот е дотолку поголем што таканаречените „лиценцирани“ возила за такси превоз, во најголем дел од случаите се со оштетена каросерија, несоодветни пневматици кои не одговараат согласно законските прописи за конкретната временска сезона и кои што возила во најголем дел технички се полуисправни и се „само“ одржуваат односно се сервисираат нередовно и/или при настанување на некој дефект или возат додека не зарибаат, а за нивната внатрешна хигиена е излишно да се објаснува. Со оглед дека нема јасен критериум од аспект на квалитет на возило кое може да врши такси превоз, ваквите возила лесно го поминуваат техничкиот преглед при техничките станици заради што безбедноста на патниците е таква што речиси истата и да не постои, а ризикот по животот на патниците е огромен, при што, веројатно надлежните органи би преземале мерки за надминување на ваквата состојба само ако не дај боже се случи некој немил настан, а не превентивно да се спречат таквите потенцијални ризици.

Иронијата е таква што најголемиот дел од такси превозниците кои согласно обележјата од локалната власт (бело возило, жолт гепек, жолта хауба, шаховница, такси табла, залепена лиценца од Град Скопје и по ново жолти регистарски таблички) навидум се „легални“ такси превозници, но истите во најголем дел од случаите по земањето на лиценцата за вршење на такси превоз се трансформираат во неактивни правни субјекти (со цел да не плаќаат даноци и давачки) односно таквото возило врши такси дејност „лиценцирано на диво“ и со често практикување на директно крадење на граѓаните на Град Скопје кои користат ваква услуга. Постојат и такси возила кои се легално обележани, но се со истечени такси лиценци, а истите такси превозници продолжиле на диво да ја вршат дејноста без плаќање давачки и без пријавување на остварен промет. Лудилото во такси дејноста во Скопје е дотолку поголемо што покрај таканаречените условно кажано „лиценцирани“ возила за кои заклучивме дека поголемиот дел се de facto нелегални и возат на диво, постојат и редовни de jure и de facto диви такси превозници кои често можеме да ги видиме по скопските улици во црвена ,сива, плава или некоја друга боја на возила со ставена обична такси табла и без никакви обележја карактеристични за такси возило во Скопје (жолт гепек, жолта хауба, шаховница, такси табла, број на лиценца и по ново жолти регистарски таблички). Ваквите класични диви такси возила често можат да се видат во било кој период од денот, а најчесто во попладневните и ноќни часови како и за време на викенд и празници кога истите не очекуваат воопшто да има некаква инспекција која во пракса согласно наши извори од такси дејноста и речиси воопшто ја нема.

Од Град Скопје се издани 3.000 лиценци

На територијата на Град Скопје се издадени околу 3000 лиценци за вршење на такси превоз при што, постојат следниве форми на такси компании.

• Такси компании со сопствена позначајна флота на возила кои имаат свои вработени возачи – поседуваат околу 500 возила со регуларни такси лиценци и со исто толку активни возила

• Такси здруженија кои се состојат од многу поединци регистрирани како здруженија на граѓани (поединечно регистрирани возачи како ДООЕЛ или ТП) и кои ги поврзува само заедничкиот повикувачки број и радио фреквенција – севкупно во ваква форма се организирани околу 1500 возила со такси лиценци, но од нив активни се само половината

• Сопственици на повикувачки број и радио фреквенција кои можат но и не мора да имаат сопствени возила и лиценци кои што ги издаваат на членови во нивниот правен субјект за одреден месечен надомест – севкупно сочинуваат околу 500 членови од кои се активни околу 200 возила

Во услови на ваков систем на делување, организирање и функционирање на такси превозниците во Скопје и во услови на непостоење на контрола врз такси превозот од страна на надлежните органи – повеќето од горенаведените субјекти функционираат согласно свои правила, а не според законите и регулативата која е пропишана.

Јавна тајна е дека најголемиот дел од такси превозниците во Скопје во пракса сеуште (паралелно) користат стари таканаречени „црвени“ таксиметри кои што постоеја во дејноста пред да се воведат моменталните фискални таксиметри. Според нашите извори, измамата со нив се прави на тој начин што наместо регуларниот фискален таксиметар возачите го вклучуваат стариот „црвен“ таксиметар, при што се прави промет кој не се регистрира во платните системи на државата поради тоа што истите не се фискализирани и не се поврзани со УЈП а со тоа се оштетува буџетот на државата, но исто така се оштетуваат и граѓаните и сите странски гости на начин што во истите стари црвени таксиметри лесно се менува тарифата која е далеку повисока од моментално дефинираната тарифа од Град Скопје.

Дали ги знаете цените?

Согласно официјалната моментална важечка тарифа која што гласи стартна цена 40 мкд и секој нареден километар 25 мкд а минута чекање e 5 мкд, Скопје е метропола со најевтин такси превоз во цела Европа. За споредба во Белград главен град на земја која што не е дел од ЕУ и која што приближно има ист стандард како нашата земја стартната цена е 250 динари – што е околу 120 мкд а секој нареден километар е 73 динари – што е околу 37 мкд, при што во овој град постои и ноќна тарифа каде што поминат километар е со цена од 95 динари – што е околу 47 мкд како и тарифа за возења надвор од градот каде што поминат километар е со цена од 146 динари или околу 73 мкд.

Апсурдот е дотолку поголем што други македонски градови во моментов имаат официјално поскап такси превоз од главниот град. Во Гевгелија  стартната цена 80 денари и за секој нареден километар е 33 мкд, а чекањето минута е 6 мкд. Исто така, во овој град воведена е и ноќна тарифа со стартна цена 90 мкд и километар 35 мкд, како и празнична тарифа со стартна цена 100 мкд и 40 мкд за изминат километар. Во Куманово од 12.03 стартната цена е 80 мкд а за секој нареден километар е 40 мкд. Во текот на 02 и 03 месец минатата година покачување на цената на такси превоз направија и градовите Битола, Штип, Кочани, како и останати градови од нашата земја. Интересно е што дури и автобускиот превоз во Скопје е условно кажано поскап од такси превозот во Скопје, затоа што доколку се купи едно возење во самиот автобус истото чини 50 мкд, а за споредба стартната цена на такси превозот е 40 мкд и е поевтин превоз во рамките на 1 километар од моменталниот јавен автобуски превоз во Скопје.

Надлежност за такси компаниите е под диреткан палка на локалната самоуправа. 

Ако продолжи хаосот во такси дејноста во Скопје и игнорирањето на проблемот од страна на локалната власт, ниту некој во иднина ќе инвестира во такси превозот во Скопје ниту ќе имаме поквалитетен превоз, а оние малубројни целосно легални такси превозници ќе бидат принудени или и тие да станат нелегални и да вршат незаконски дејствија како останатите или да инвестираат надвор од нашата земја во истиот или друг бизнис.

За жал со сето ова најмногу губат граѓаните на Скопје и тоа преку неквалитетна такси услуга и оштетување на нивниот џеб.

Соња Танеска

АКТУЕЛНО