Search
Search

Хаварисаните возила од паркинзите и тротоарите ни зонското не може да ги тргне

Со овој проблем не се соочуваат само карпошани, туку истото се случува низ цело Скопје – едноставно сопствениците на хаварисаните возила се недопирливи пред законот. Па така, дури и онаму каде е воведено зонско паркирање ваквите возила и понатаму непречено си лежат по јавни простори.

Наскоро во населбите Карпош 1 и Карпош 2 ќе се воведе зонско паркирање, кое ќе го регулира ЈП „Градски паркинг“. За новитетот, најавуван подолго време, за што пред три години беше спроведена и анкета меѓу жителите, пред еден месец информираа од Општина Карпош, наведувајќи кои точно улици ќе бидат опфатени во зоната Д 42. Од „Градски паркинг“ не се потрудија ни толку.

Во тоа општинско соопштение меѓу другото стоеше дека право на бесплатно паркирање во зоната ќе имаат жителите за две станарски возила, а „поднесувањето на барања за нивно евидентирање во системот ќе се одвива етапно, согласно динамиката на означување на улиците, за што ќе бидат дополнително известени“. И тука замре секоја информација.

Во меѓувреме, „Градски паркинг“ отворил пункт за поднесување барања во близина на Катастар, а жителите за него дознаваат по принципот „комшијата ми кажа“, затоа што од претпријатието лепеле соопштенија по зградите кои ќе бидат опфатени со зонско. Но како што тврдат карпошани, не по сите влезови и без никаков ред, ниту етапно, ниту според означувањето на улиците.

Од еден од соседите дознав дека имало отворено пункт, а тој дознал од „не знам кој“. Не разбирам, како е можно кога се прави еден таков проект ниту општината, ниту „Градски паркинг“ кој ќе ги собира парите да не ги информираат нормално граѓаните. И тоа рокот за пријавување за нас од Карпош 1 бил до 6 март и после ќе профункционирало зонското. А речиси ништо не е обележено по уличките. Значи кој разбере навреме разбере, кој не ќе си плаќа казна додека го пријави сопственото возило. Срамота – вели Дејан, жител на Карпош 1.

Дел од граѓаните со кои поразговаравме очекуваат дека со зонското ќе се намали напливот на возила по паркиралиштата, од посетители по кафулињата, вработени во соседната општина Ценар, од возилата на студентите од блиските факултети, Други пак, не веруваат дека тоа ќе се случи, напротив сметаат дека откако ќе се исцртаат местата, жителите ќе имаат помал простор за паркирање, особено што паркирањето од 25 денари од час или месечна карта по скромна цена нема да биде пречка и натаму да се паркираат луѓе кои не живеат таму.

Која е предноста на зонското паркирање?

Според Општина Карпош, досегашното искуство на ЈП „Градски паркинг“ кажува дека со воведување на зонско паркирање по населби каде претежно се станари, има многу поголем ред во сообраќајот во мирување, односно со самото наплаќање на паркинг услуга, паркинг местата се многу поискористени, флуктуацијата е поголема, нема задржување на едно паркинг место подолго време

Со воведувањето на зонското паркирање нема да може повеќе да се злоупотребуваат улиците за паркирање на рент-а-кар возила, половни возила кои се продажба, а ќе се реши проблемот и со хаварисаните возила – изјавија неодамна од Општината за „Слободен печат“.

Во Карпош 1 и 2 по паркинзите, улиците, тротоарите има десетици хаварисани возила кои заземаат слободни паркинг места и кои никој не ги трга оти, како што велат немале надлежност, а немаат ни простор каде би се складирале неупотребливите возила кои се само за отпад. А таму не можат да завршат без дозвола на сопствениците. И така во круг.

Со овој проблем не се соочуваат само граѓаните од оваа општина туку истото се случува низ цело Скопје – едноставно сопствениците на хаварисаните возила се недопирливи пред законот. Па така, дури и онаму каде е воведено зонско паркирање ваквите возила и понатаму непречено си лежат по јавни простори.

Истото ќе се случи и во Карпош. Од ЈП „Градски паркинг“, повторно не одговараат на прашањата на „Слободен печат“ кои се од интерес на граѓаните корисници на нивните услуги. Па така нема одговор зошто жителите не се информирани каде и кога треба да ги пријават своите возила, зошто немаат објавено никаква јавна информација. И секако нема одговор на прашањето дали ќе се тргнат од населбите хаварисаните возила и зошто во Карпош, како во Центар не се воведе паркирање само за резиденти.

Сите се ненадлежни за хаварисаните возила

Но, карпошани кои веќе биле да ги пријават своите возила тврдат дека на пунктот им кажале дека „Градски паркинг“ не е надлежен за хаварисаните возила.

Според нив хаварисаните возила што се без регистерски таблички, значи не им се знае сопственикот, треба да ги тргне Општина Карпош, а сопствениците на тие што имале регистерски таблички, а не се во возна состојба, треба да си ги пријават возилата за бесплатно паркирање во спротивно ќе им бидат поставени блокатори или ќе бидат однесени со „пајак“. Значи џабе си се порадувувавме, нема спас од хаварисаните возила – вели Александар од Карпош 2.

Сега од Општина Карпош повеќе не се убедени дека проблемот со хаварисаните возила ќе се реши.

Проблемот со хаварисаните возила е повеќегодишен и ја опфаќа територијата на целиот град Скопје, а не само на општина Карпош. Со воведувањето на зонското паркирање очекуваме делумно да биде решен проблемот, но не и целосно, од причина што е потребно да се направи промена во Законот за безбедност во сообраќајот за конкретно да се дефинира што се подразбира под хаварисано возило и да се прецизира постапката како треба да се постапува со овие возила. Поради пропустите во сегашниот закон инспекциските служби не се во можност да ги отстранат истите – велат од Карпош.

Во однос на можноста за воведување паркирање само за резиденти, како што е во Центар, никој не одговара, но неофицијално дознаваме дека она што се прави во Центар не е определено со ниеден закон.

Резидентните паркинзи во Центар биле потреба на граѓаните

Сите решенија, вклучително и сообраќајните, Општина Центар ги прави исклучително во консултација со граѓаните, одговараат оттаму на прашањето според кој закон е воведена праксата на повеќето улици во населбите низ општината да биде дозволено паркирање само за резиденти и нели е ова дискриминација на граѓаните со оглед на фактот дека улицата е јавен простор, а не приватна сопственост на жителите на одредена улица.

Центар примарно е општина со А2 станбени згради за колективно домување. Повеќето од тие згради датираат од времето кога немало задолжителен паркинг простор во градежната парцела, како што е сега тоа обврска на инвеститорите. Потребата од резидентни места произлезе токму од ваквата ваквата ситуација на теренот и фактот дека сме централно градскио подрачје во кое има најголема фреквенција на возила. Недозволиво е нашите жители кога ќе се вратат од работа дома, да немаат каде да се паркираат. Тоа дополнително би придонесло за продлабоување на проблемот со паркирањето и би предизвикало сообраќаен хаос во Општината – велат од Центар.

Оттаму потенцираат дека во неколку наврати имале и петиции од жителите за дополнителни резидентни места, барања за пренамена на комерцијални паркинг места за потребата на станарите кои живеат во околните станови.

Секоја јавна површина, во соработка со ПОЦ, е детално проверена, утврдена и е наменета за сите граѓани кои престојуваат и транзитираат во општината – тврдат од Центар без конкретен одговор дали имаат законска основа за воведување резидентни паркиралиштa.

Извор Слободен печат

 


Кој е одговорен за старите и расипани возила паркирани по тротоарите и улиците низ цело Скопје?

АКТУЕЛНО