Кој бил градоначалникот што од обична турска касаба, Скопје го претворил во модерен европски град?

Ретко кој се запрашал кој бил градоначалник на Скопје кога се изградил градскиот водовод од изворот „Рашче“ кај селото Радуша, кога се подигнала хидроцентралата „Матка“ на реката Треска, зградата на Собранието на Република Македонија, старата железничка станица во центарот на Скопје (урната во земјотресот во 1963 година), “Зеленото пазарче” до зградата на Парламентот, Офицерскиот дом (разрушен во земјотресот), старата зграда на Народната банка на Македонија (исто така разурната во земјотресот), градскиот парк и зоолошката градина.

Негови дела исто така се: урбанистичкиот план на градот, проширувањето на електричната мрежа и канализацискиот систем на целата територија на Скопје, машката гимназија „Кирил и Методиј“ и женската гимназија „Кралица Марија”“ ја обновил опожарената библиотека на Иса бег каде се наоѓала и книгата на најславниот лекар Хипократ на арапски јазик, што на латински се превела дури во 16 век на запад. Неговиот мандат траел седум и пол години

Освен овие дела, за време на неговиот мандат биле изградени дваесетина училишта, над 280 километри градски улици, воените скривници, проширена била градската болница, изградена нова градска кланица, изградени над 20 сообраќајни крстосници кои и денеска се користат, надвозници, мостови, пристапни и излезни патишта, неколку тениски и две фудбалски игралишта и детското одморалиште „Горно Водно“. Бил дел од тимот кој ја проектирал зградата на Академијата на науките и уметностите на Србија и на градската палата на градот Белград.

Со сите овие реализирани проекти тресончанецот Јосиф Михајловиќ јуруковски успеал Скопје да го претвори од обична турска касаба во модерен европски град. И денеска некои негови дела стојат построени низ скопска котлина како потсетник на дела какви никој пред него и потоа не успеал да направи за столицата на Република Македонија.

Под Калето и денес постои раскошната семејна куќа на некогашниот градоначалник на Скопје, Јосиф Михајловиќ, кој ја изградил во 1937 година и ја проектирал како инженер архитект. Тој бил градоначалник на Скопје во два мандата: од 1929 до 1936 година и од 1939 до 1941 година, кога починал. Сега во оваа куќа се наоѓа Амбасадата на Република Албанија.

Михајловиќ, кој е по потекло од Западна Македонија, роден е во селото Тресонче, во 1887 година, ја користел оваа куќа како приемна резиденција, бидејќи просторот бил најсоодветен за таа намена. Во неа било инсталирано првото парно греење во градот.

Во записите на познатиот хроничар за Скопје, Данило Коцевски, стои дека неговиот внук, инж. архитект Драган Томовски, во едно искажување кажал дека куќата била изградена „од клепан мијачки камен во рустикален стил”, од прочуени мијачки мајстори ѕидари. Ентериерот бил најмодерен за тоа време, со голема компонирана фреска со мијачки мотиви од Личеноски. Плакарите биле вградени во ѕидовите. Металните елементи биле изработени во познатата браварска работилница на Антон Ручигај.

Долги години позната под името „Македонска куќа“, таа била сопственост на угостителското претпријатие „Меркез”, а во неа, во еден период живееле и видни политичари.

Еден од плановите на Михајловиќ била идејата за зелен град, која особено ја препорачувале и ја разработувале англиските урбанисти. Тој сакал да ги пошуми двата острова на Вардар што постоеле во тоа време – едниот спроти Зоолошката градина и паркот, другиот во близината на тогашниот аеродром. Велел дека им е потребна побујна вегетација на кејовите на Вардар. Повеќето идеи Михајловиќ ги реализирал, некои останале само како идеја, но сето она што го остварил тој останува во богатата урбанистичко-архитектонска и духовна традиција на градот.

Тој бил најпознатиот или најзаслужен меѓу најзаслужните градоначалници од периодот меѓу двете војни. Тоа што неговата легенда трае сè до денес не е случајно и се базира врз неговите исклучителни заслуги за градот. Тој е еден од ретките градоначалници што постојано држеле предавања пред граѓаните, на теми од архитектурата и новото модерно обликување на градот.

Сестрано талентиран, бил сметан за еден вид инкарнација на мијачката генијалност и градителскиот дух. Во документите за него се открива дека граѓаните честопати му скандирале: „Да живее нашиот Мијак, г. Јосиф Михајловиќ”. Секогаш елегантен, со ракавици, со продуховен изглед, вистински господин. Во еден запис од тоа време се вели дека речиси совршено го зборувал англискиот јазик, без ниту една грешка. Не му била туѓа ниту една област од живеењето и често другарувал со уметноста и со уметниците Никола Мартиновски и со Лазар Личеноски. Нив особено ги консултирал ако требало да се помогне нешто во врска со зачувувањето на фреските. Личеноски насликал и негов уметнички портрет. 

Работните методи со кои Јосиф ги почнувал сите проекти биле со задоволство прифаќани од сите негови соработници. Во планирањата, проектирањата, мерењата и изведувањата на работите воопшто не се срамел и самиот да се вклучи во нив, а речиси секогаш во сите проекти ги вклучувал и младите студенти, за кои знаел дека се носители на авангардата и новите идеи.

На самиот почеток на работите небројано многупати со авион го надлетувал и надгледувал градот и околината, а дури потоа ги почнувал градежните работи. Михајловиќ набрзо констатирал дека Скопје нема свој катастарски премер, каков што му е потребен на секој поголем град во Европа. Сфатил дека градот нема доволно стручни сили за еден таков потфат, па затоа побарал, а од околните школи за геометри во државата добил на располагање 450 ученици што се школувале за геометри и уште 25 дипломирани геометри на кои им била потребна работна пракса. Ги ангажирал на шест недели да извршат премер на целото градско подрачје, но и да извршат попис на населението. Со тоа Јосиф сакал да добие целосен приказ и слика за ситуацијата во градот. Со таквото добро планирање, колку за пример, водата од Рашче оттогаш ги задоволуваше потребите на целиот град сè до градењето на новите населби, како Аеродром, Кисела Вода, Ново Лисиче, Автокоманда, кога се направени дополнителни бунари за вода околу Скопје.

АКТУЕЛНО