Search
Search

Иницијатива до градскиот Совет: Пред сезоната на загадување неопходни се итни мерки за Скопје да „дише“

„Зелен хуман град“ до Советот на Град Скопје, поднесе Иницијатива за преземање итни мерки за заштита на квалитетот на воздухот во Скопје, која предвидува 14 мерки, од кои шест се за итно постапување, а осум треба да се имплементираат во наредните две години.

Предлагачите, двајцата советници од ЗХГ, Драгана Велковска и Горјан Јовановски, сметаат дека најважно е мерки да се преземат пред почетокот на сезоната на загадување, а дека во тоа мора да се вклучи Град Скопје, како и Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина.

Загадувањето во Скопје со години е проблем на сите негови жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем – се вели во образложението на поднесената Иницијатива.

Предложени се мерки кои се однесуваат на третман на отпадот според концептот „нула отпад“, мерки за сообраќај според превртена сообраќајна пирамида каде што се дава приоритет на најранливите учесници во сообраќајот, мерки за обезбедување енергетска независност на Град Скопје и неговите жители кои воедно се и механизам за борба против енергетската сиромаштија, како и мерки поврзани со точно лоцирање на изворите на загадување.

Како една од мерките кои итно треба да се преземат е Советот да ѝ препорача на Владата да го задолжи УХМР да започне со прогнозирање на температурни инверзии во скопската котлина, затоа што, како што објаснуваат од ЗХГ температурните инверзии се природен феномен, кои најчесто се формираат во котлини при студено време и не дозволуваат загадувањето да „излезе“ од нив.

Јавно да се објави регистар со правни лица , кои според закон задолжително би морало да имаат Б-интегрирана дозвола за да работат, а при надзор било утврдено дека немаат е следната итна мерка што се предлага, но и забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од три метри. Иницијаторите предлагаат и во јавните набавки на Град Скопје итно да се забрани пластичен прибор и пластична амбалажа за еднократна употреба, како и продукти пакувани во пластична амбалажа.

Како петта итна мерка се предлага да се вработат најмалку уште 5 инспектори за животна средина и да се овозможи да се користат три возила на Инспекторатот со цел брзо постапување по пријави од граѓани.

Секторот Инспекторат не располага со доволно броен кадар за вршење на потребните инспекции на терен по пријава од граѓани и самоиницијативно. Моменталниот број на 8 инспектори (од кои барем два се раководители и работат од канцеларија) едвај работат во 2 смени, кога е потребно целосен кадар за да се покриваат сите 3 смени ефективно. Дополнително, Инспекторатот не располага со возен парк, а тоа сериозно ја намалува можноста тој веднаш да пристигне на место на пријава и да ги фати сторителите на делото – се објаснува во Иницијативата.

Итно според ЗХГ, во контекст на намалувањето на загадувањето, треба да се изврши замена на начинот на греење на сите објекти кои се во сопственост или надлежност на Град Скопје, па наместо на нафта, дрва или други загадувачки горива, да се префрлат на загревање на струја во комбинација со поставување фотоволтаици на покривите или да се приклучат на градско парно.

Според „Зелен хуман град“ сите овие предложени мерки можат брзо да се спроведат, а во наредните две години да се направо и густа локална мрежа од мерни станици, по една на максимум 1.500 м2, особено околу индустриски капацитети и погони. Покрај ова треба да се изведе сеопфатна велосипедска мрежа, да се изгради по една биокомпостара во сите 10 скопски општини, да се постават фотоволтаици на сите објекти под надлежност на Град Скопје, но и да се даваат субвенции на граѓаните за фотоволтаици, за енергетски ефикасни фасади на куќите. Во наредните две години потребно е и да се направи систем за самоизнајмување велосипеди и да се организира јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај.

Дел од мерките содржани во поднесената Иницијатива, советниците од „Зелен хуман град“ ги предложија и на почетокот на годината, но не беа прифатени.

Извор Слободен печат

АКТУЕЛНО