Изборниот процес тече мирно – дел од граѓаните гласаат и за двата избори, а некои само за парламентарни

Министерството за внатрешни работи досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето кое генерално се одвива мирно и без проблеми, информира портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случаите. Исто така имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземените мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени – изјави Ангеловски.

Тој упати апел до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето, да се воздржат од инциденти. И рече доколку има какво било нарушување на изборниот процес, граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112, или да пријават во најблиската полициска станица

Дел од Албанците ги бојкотираат претседателските избори, дел не

Во Општина Липково, во втората изборна единица, одзивот на парламентарните избори до 11 часот изнесува 7,33%. Во исто време, одзивот на вториот круг од претседателските избори е неколкукратно понизок и изнесува 1,76%. Податоците од оваа општина, каде што околу 97% од населението се изјасниле како Албанци на последниот попис, е најдобра илустрација дека во средините со мнозинско албанско население на терен се случува тивок бојкот на претседателските избори.

Но, Општина Липково, сепак, не е најдобар репрезент за тоа што се случува на терен. Очигледно е дека во другите општини населени речиси ексклузивно со Албанци разликите се помали. Како што покажува табелата подолу, во Сарај, на пример, претседателските избори до 11 часот ги бојкотира секој втор гласач, но другите гласаат. Поточно, за парламентарни гласале 8,47%, а за претседателски 4,08%. Во Боговиње, пак, на парламентарните избори гласале 5,61%, а на претседателските 2,24%. Во Желино. на парламентарните гласале 7,24% а на претседателските 3,07%.

До пред изборите, јавно, никој не повика на бојкот на вториот круг од претседателските избори. Пред малку Артан Груби на Фејсбук објави видео од остварувањето на своето гласачко право. На видеото јасно се гледа и се слуша дека бара и го зема само ливчето за парламентарни, но не и за претседателски избори.

За вториот круг од претседателските избори да биде успешен, односно да се избере претседател, потребно е на гласање да излезат најмалку 40% од вкупниот број запишани избирачи. Во апсолутни бројки, тоа значи дека од вкупните 1 814 317 избирачи, на гласање треба да излезат најмалку 725 727 гласачи.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави