Search
Search

Изложбениот салон на Киро Урдин доби ново руво

Mало монтажно куќарче го привлекува погледот на минувачите во Градскиот трговски центар. Се работи за објект во вид на барака, веднаш зад продавницата на парфимеријата ДМ, на приземјето на трговскиот.

Минувачите со љубопитен поглед се прашуваат што значи овој објект подигнат на бетонска подлога и за што служи. Некои, пак, со неверување се чудат како некој издал дозвола некому да си гради куќа во дворот на Градскиот трговски центар.

Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, ги демантира ваквите гласови и вели дека не се работи за нов објект, туку дека тоа е објект што постоел години наназад, само што сега е малку обновен.

– Овој објект си постои отсекогаш и поседува имотен лист. Само е извршена негова реконструкција. Објектот беше стар, пред распаѓање, па моравме да го средиме и малку да го обновиме. Инаку, можеше да биде повреден некој при минување. Тој објект си беше и сè уште е деловен простор, кој се издава. Постои веќе 25 години – објасни Трајчевски.

Тој информираше дека претходно ова куќарче се користело како изложбен простор на Киро Урдин, каде што биле организирани негови изложби.

Во Градскиот трговски центар има повеќе монтажни објекти стари со години. Такви се, на пример, речиси сите во првиот премин од десната страна од влезот во ГТЦ од плоштад и на приземјето и на првиот кат, но и објектите на „Спицикото“ и на трафиката лоцирани на приземјето во средишниот дел на Трговскиот центар. Дел од нив уште пред неколку децении се приватизирани.

Градскиот трговски центар е изграден уште пред 51 година, поточно почнал да се гради на 11 октомври 1969 година и по четиригодишна изградба, во април 1973 година е официјално пуштен во употреба. Изграден е по проектот на тимот архитекти Тихомир Арсовски, Живко Гелевски, Димитар Димитров, Благоја Колев, Радомир Лајовиќ, Лидија Маркова, предводени од Живко Поповски. Објектот има две подземни, приземно и две надземни нивоа, исполнети со простори за трговски, угостителски, занаетчиски, банкарски и други услуги, а од пред неколку години, во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов е направен и зелениот покрив, многу посетено место особено во летните вечери.

Владата предводена од Никола Груевски, во време на интензивната „барокизација“ во рамките на спорниот проект „Скопје 2014“ донесе одлука и ГТЦ да добие барокна фасада. На тоа се спротивставија и граѓаните и архитектите, кои три години со протести, трибини, па дури и со симболично гушкање, се бореа да го спасат автентичниот изглед на ГТЦ. За спас на Трговскиот центар беше организиран и референдум на кој се собраа повеќе од 10.000 потписи.

АКТУЕЛНО