Кој ја утна трасата на патот преку Водно кон Сопиште, па остана заглавен во процедурите?

Цели шест години откако е изграден, патот преку Водно за Сопиште сѐ уште не е во функција. Делницата долга 4,4 километри за која се потрошија 7,7 милиони евра, чија изградба беше проследена со многу реакции во јавноста, особено од невладините организации за заштита на зеленилото, кои беа против сечење на шумата за пробивање на патот, сега е затворена со рампи затоа што е небезбедна за поминување. Пред неколку години имаше неколку најави дека патот „наскоро“ ќе биде пуштен во употреба, но потоа и информациите и најавите замреа.

Официјалното објаснување беше дека патот не се пушта во сообраќај поради појава на свлечиште на патот, за што било потребно да се извршат измени во тек на градба. Со овој проблем, со одрони и свлечишта, се соочуваше и изведувачот на градежните работи „Гранит“, поради што беа пробиени роковите за градба, но и ден-денес останува нејасно зошто надлежните во 2017 година се пофалија дека изградбата е целосно завршена, ако не било најдено решение за свлечиштата.

Од Јавното претпријатие за државни патишта во чија надлежност е патот од Водно до Сопиште, потсетуваат дека согласно со договорот со изведувачот градежните работи на регионалниот пат Р2138, кој е врска со регионален пат Р2134, со населба Сончев Град, започнаа во 2013 година, а комплетно се завршени во 2017 година. Но, како што велат, во текот на градбата се појавила потреба за одредени измени и дополнувања на проектната документација, коишто се опфатени со изработка на нова проектна документација на ниво на инфраструктурен проект.

Измените и дополнувањата го опфаќаа препроектирање на дел од трасата, проектирање на три потпорни конструкции, како и дополнително осигурување на стабилност на косината од високиот засек. Во текот на градбата при пробивање на трасата и оформување на косините на делови во должина на трасата на лице место направени се отстапувања во однос на градежната линија која е предвидена во одобрениот проект за инфраструктура. Поради сите горенаведени настанатите промени потребно беше да се изработи измена и дополна на одобрениот проект за инфраструктура, односно подготовка за планска документација во согласност со фактичката состојба и се појави потреба од јавна набавка за препроектирање – велат од претпријатието за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека во моментов проектот за инфраструктура е одобрен од Министерството за транспорт и врски и во тек е постапка за „измени во тек на градба“ кои исто така ги одобрува Министерството, по што откако ќе се одобрат, следува постапка за аплицирање за добивање употребна дозвола на патот со цел да се изврши технички преглед. Но, бидејќи сѐ уште не се создадени услови за употребна дозвола и технички преглед на патот, тој е затворен со вештачки насип и рампи.

И од Министерството за транспорт и врски потврдуваат дека е одобрен инфраструктурниот проект.

Министерството за транспорт и врски го одобри инфраструктурниот проект доставен од ЈП за државни патишта. Очекуваме ЈП за државни патишта во следниот период да достават измени во тек да градба за кои Министерството за транспорт и врски треба да се произнесе, по што ќе следува постапката за аплицирање за добивање употребна дозвола – велат од Министерството.

Сепак, ни од Министерството ни од ЈПДП нема ниту навестување кога патот ќе биде во употреба, затоа што според нивните одговори дури сега тече постапката за измени во градба, па тие измени треба да се реализираат, па дури потоа патот ќе биде во функција. Колку време ќе помине дотогаш никој не знае.

Пробивањето на овој пат беше еден од условите за да започне изградбата на елитната населба Сончев Град. Неговото пуштање во употреба со години го очекуваат жителите на Сопиште и на другите населени места во тој дел, затоа што наместо да кружат преку Кисела Вода, за многу побрзо време би можеле да стигнат до центарот на Скопје.

Извор; Слободен печат

АКТУЕЛНО

Поврзани објави