Ковачевски се согласил уставните измени да важат од денот на одржување на втората меѓувладина конференција, на потег е Мицкоски

Бидејќи ДУИ понуди да излезе од Владата, и местото за премиер Албанец 100 дена пред избори може да  ѝ се отстапи  на ВМРО-ДПМНЕ,  потврдија владини извори на денешниот брифинг, а синоќа и министерот за надворешни работи Бујар Османи ја соопшти таа можност.

Според информациите споделени на брифингот, СДСМ предлага владата во која, како што велат, ќе има братска поделба на ресорите со ВМРО-ДПМНЕ, поточно СДСМ останува на петте министерски места, а другите да припаднат на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се заврши процесот на уставните измени, процесот на скринингот и доколки може да затвори едно или две поглавја најбрзо што може.

– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ јавно кажува дека не е против уставните измени и дека сака да влезе во Владата. Тој има уште еден услов – ДУИ надвор од Владата, што ете ДУИ го прифаќа, но ќе доведе до дестабилизација, бидејќи и Алијанса и Беса најавија дека во таков случај ќе ја напуштат Владата – велат владини извори.

Од Владата повторуваат дека Ковачевски на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се согласил со барањето уставните измени да важат одложено, но од денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција, како што велат дека бара и Преговарачката рамка.

– Барањето одложувањето да важи после 15 години не е прифатливо ни за ЕУ. Преговарачката рамка не може да се менува на лидерска средба – велат од Владата.

Тие оставаат простор ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, да се консолидира и да остане во процесот.

Од Владата повторуваат дека Преговарачката рамка во себе ги содржи сите гаранции за македонскиот идентитет и за одржување на втората меѓувладина конференција, а од нас се очекува само да ги усвоиме уставните измени. Владини извори толкуваат дека изјавата на Мицкоски на прес-конференцијата по средбата со Ковачевски покажала дека не постои разговор за содржината на уставните измени и дека воопшто не се спори усвојувањето на уставните измени.

– Ние нема да застанеме со уставните измени. Тие се во Министерството за правда и потоа во следните неколку недели ќе бидат доставени во парламентот – велат од владата.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави