Кратово и Гостивар, општини со најниско ниво на антикорупциски перформанси во јавните набавки

Истражувањето направено од Центарот за граѓански комуникации, покажа дека ниту една општина не ги спроведува јавните набавки со високо ниво на заштита од корупција. Поголем дел од општините, односно 43, како и Градот Скопје, се со ниско ниво на антикорупциски перформанси во јавните набавки. На дното, со 31 проценти остварени перформанси се Кратово и Гостивар, а на врвот, со 70 отсто е Кавадарци.

Општините кубураат во вработени кои имаат положен испит за лице за јавни набавки, голем дел од нив имаат мал број понуди на тендерите, а исто така има и такви кои имаат само по една компанија која се јавува на јавните набавки.

–  Слабите резултати на општините во однос на антикорупциските перформанси во јавните набавки се последица на несоодветни кадровски капацитети, недостиг од политики и процедури кои треба да придонесат кон подобрување на капацитетот за спроведување на јавните набавки, слабости во планирање на набавките, висока концентрација на една фирма во јавните набавки, висока примена на е-аукцијата, чести поништувања на постапките, анекси на склучени договори – се нагласува во анализата.

Притоа се посочува дека ниту една општина нема остварување на антикорупциските перформанси над 80 отсто за да влезе во зелената зона со високо ниво.

Според рангирањата, произлегува дека со пониско ниво на антикорупциска заштита се спроведени тендери со поголема вредност. Поконкретно, вредноста на јавните набавки на општините со ниско ниво на антикорупциските перформанси изнесува 66 милиони евра, додека, на општините со средно ниво вредноста на тендерите изнесувала 53 милиони евра. Општините и Градот Скопје во текот на 2022 година спровеле вкупно 3.875 постапки за јавни набавки, преку коишто склучиле 3.511 договори за јавна набавка. Вредноста на набавките им изнесува 73 милијарди денари, односно 119 милиони евра.

– Град Скопје има најголема вредност на јавните набавки од дури 15 милиони евра, а е во групата со ниско ниво на остварување на антикорупциските перформанси од само 42 отсто. Со висока вредност на јавните набавки, а во групата со ниско остварување се и општините Битола, Штип, Куманово и Гостивар – се нагласува во анализата.

Дури 12 општини немаат ниту еден вработен со положен испит за лице за јавни набавки, што е во спротивност со Законот за јавни набавки, се посочува во анализата. Воочени се и големи разлики во оптоварувањата на вработените кои вршат работи од областа на јавните набавки. Во Општина Берово еден вработен спроведува 66 тендери годишно, а во Лозово и Арачиново по само 2 тендери. Најголем број вработени кои вршат работи од областа на јавните набавки има Град Скопје, со 13 вработени, од кои 10 имаат положен испит. Следуваат општините Чашка, со 8, и Охрид, со 7 вработени. 

 

 

Во 34 општини едно лице спроведува од 25 до дури 66 постапки за јавни набавки. Од ЦГК нагласуваат дека во општините каде вработените спроведуваат голем број постапки речиси е невозможно да се преземат сите неопходни мерки за превенција од корупција. Но, исто така нагласуваат дека во општините каде вработените вршат работи од областа на јавните набавки и спроведуваат само неколку набавки годишно имаат и други задолженија.

Анализата покажала дека просечно на ниво на сите општини, плановите се менуваат за 28 отсто, а процентот на реализација на јавните набавки е 68 проценти. Целосна реализација или висок процент на реализација има кај општините Петровец, Центар Жупа, Делчево, Ранковце и Боговиње, но тој е проследен со висок процент на промена на плановите за јавни набавки. Така што, во однос на планирањето, се чини дека најдобри резултати има Општина Кавадарци, каде што процентот на измени на планот е 28 отсто (средно ниво), а процентот на реализација – високи 95 проценти.

Истражувањето покажало дека само 13 општини при објавата на огласите за тендерите поставуваат подолги рокови за прибирање понуди од законски пропишаните минимални рокови. Во однос на примената на електронската аукција, таа и натаму е доминантна во општинските тендери.

Просечниот број на понуди по тендер на општините изнесува 3.22 понудувачи по тендер и е поголем од националниот просек. Најмал број понуди е воочен во помалите општини. Поголем дел од општините, односно 49 од нив и Градот Скопје, се позитивно оценети во однос на овој индикатор бидејќи имаат повисок број на просечни понуди по тендер од националниот просек. Под просекот во однос на добиените понуди се 31 општина, меѓу кои најнизок број понуди имаат општините Долнени, со 1,26, и Центар Жупа, со 1,73 понуди по тендер. Највисок број понуди, пак, имаат Штип, со 5,21, и Студеничани, со 4,90.

 

 

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави