Search
Search

Кривичен го осуди Јанушев за кинеските автобуси со условна казна

Со преземените дејствија обвинетиот Игор Јанушев го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањe од член 353 став 5 во врска со став 1, во врска со член 22 од Кривичниот законик (КЗ). Согласно претходно цитираните одредби, судот на обвинетиот му изрекува алтернатива мерка условна осуда така што му изрекува казна затвор во траење од две години и истовремено определува дека казната затвор нема да се изврши ако во рок од пет години не стори ново кривично дело.

Вака предмалку гласеше изрекувањето на пресудата за актуелниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во случајот „Дизајн“ кој се однесува на набавката на кинеските автобуси за јавниот превоз во Скопје.

Јанушев не се појави да ја слушне пресудаaта чие изрекување паѓа во сенка на измените на Кривичниот законик што на „брза лента“ вчера беа изгласани во Собранието.

Токму ставот 5 од членот 353 (злоупотреба на службената положба и овластувања) наскоро може да стане непостоечки бидејќи со законските измени што вчера ги аминуваа пратениците тој ќе се избрише.

Ставот 5 во актуелното законски решение пропишува дека ако злоупотребата е направена на штета на Буџетот или други народни пари, сторителот ќе се казни со затворска казна од најмалку пет години, при што не е одредена горна граница за максималната казна.

„Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

Меѓутоа, со измените, овој член се брише, па наместо него се додаваат два нови кои гласат:

„(5) Со казната од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице на странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Северна Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност.

(6) Прибавената имотна корист се одзема“.

Бришењето на ставот 5 од членот 353 значи дека ќе нема затворска казна од најмалку пет години за лицата кои ќе бидат осудени за злоупотреба на службената положба затоа што го сториле делото при вршење на јавни набавки или на штета на Буџетот. Поточно, за ваквите кривични дела ќе си важат останатите ставови од членот 353 од Кривичниот законик.

Откако вчера ваквите законски измени поминаа во Собранието, за да стапат на сила тие треба да бидат потпишани од претседателот Стево Пендаровски, кого граѓанските организации го повикаа да стави вести, како и да бидат објавени во „Службен весник“.

Пендаровски да стави вето на измените на Кривичниот законик, бара Платформата за борба против корупција

Јанушев во „Дизајн“ се гонеше како член на Комисијата за јавни набавки при Министерството за транспорт и врски, каде беше вработен кога се правеше јавната набавка на двокатните автобуси од Кина.

Со него обвинети беа уште две други членки на Комисијата, како и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Меѓутоа, Јанакиески и двете обвинети на првото судско рочиште што се одржа на 10 март лани признаа вина и веднаш добија условни казни, па судењето продолжи само за Јанушев.

 

 

АКТУЕЛНО