Search
Search

Куршум од калашњиков за Арбен Таравар пред неговата куќа

Утрово е пронајден куршум во куќата на претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари. Како што се дознава утринава, во дворот на куќата на Таравари бил пронајден куршум од калашњиков со кој се сомнева дека станува збор за закана за него, по последните случувања во АА.

Лидерот на оваа партија Таравари пред неколку дена најави дека бара поддршка за излегување на избори со албанската опозиција, каде што веднаш реагираше претседателот на Централното собрание на партијата, Зијадин Села, велејќи дека не се прави политика преку социјалните мрежи.

„Поединецот, во овој случај претседателот на партијата, не е орган на одлучување. Тој има право да предлага до органот кој има право да одлучува, а тоа е Претседателството на партијата кое во моментов има една одлука, а тоа е дека Алијанса за Албанците се натпреварува сама на изборите. Друго тело за одлучување е партиското Собрание. Тенденциите партијата да се шверцува за сметка на не-знам-кој преку Фејсбук статус е сериозно кршење на Статутот на партијата, за што претседателот на партијата мора да одговара пред партиските органи. Обидите на претседателот на партијата ставот искажан преку социјалните мрежи да го прикаже како лична одлука е кукавички чин кој сериозно ги нарушува идеолошките линии на Алијанса за Албанците,“ реагираше Села.

За работите да излезат од контрола се „погрижија“ околностите кои се случија со нападот врз директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, од Алијанса за Албанците, додека тој со семејството вечерал во еден познат тетовски ресторан. Настанот го потврди и полицијата.

„Вечерва во 19.40 часот во СВР-Тетово било пријавено дека во угостителски објект на улица ‘Маршал Тито’ во Тетово Д.Н. бил физички нападнат од К.О. од Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираа вчера од СВР-Тетово.

Настанот се случи веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во партиското седиште во Тетово. На прес-конференцијата присуствувал и Небиу, а веднаш по неа објавил и фотографија изразувајќи поддршка за Зијадин Села.

Небиу на социјалните мрежи после нападот сподели фотографија во друштво со поддржувачи и напиша: Може да ме убиете, но не можете да ме исплашите.

Партијата на Таравари откако влезе во владина коалиција, и како што се доближуваат изборите оствари интензивни средби со сите шефови на политичките партии во земјава, почнувајќи од Али Ахмети од ДУИ па се до средбата во Приштина со шефовите на опозициската Европска лига за промена кај косовскиот премиер Албин Курти.

Од оваа средба произлегоа информации дека на Таравари му предложиле да биде кандидат за претседател на државата од албанската опозиција, што тој го одбил. Сите овие предлози и понуди како од опозицијата така и од власта се направени Таравари да коалицира со една од албанските политички сили, што, ќе биде одлучувачко за победа на парламентарните избори во условно кажано албанскиот табор.

АКТУЕЛНО