Search
Search

Лени Фрчкоска и Марта Стевковска ја добија наградата „Гласник на невидливите“ за сторијата „Женското е туѓа фамилија“

Сторијата „Женското е туѓа фамилија“ на авторките Лени Фрчкоска и Марта Стевковска, објавена на феминистичката платформа meduza.mk, е меѓу наградените трудови со признанието „Гласник на невидливите“, што го доделува Македонската платформа против сиромаштијата (МППС), објави Либертас.

„Наследувањето имот од страна на жените во нашата држава е толку ретко, што низ времето се провлекува како традиционална пракса која речиси и не се доведува под знак прашалник. Како и повеќето традиции, таа во својот корен негува начело на нееднаквост, кое опстојува во нашите ограничени перцепции за тоа што жените заслужуваат од своите семејства и колективи. Освен што се работи за очигледна дискриминација, темата за имотните права на жените задира длабоко во родовата нееднаквост, како на личен, така и на политички план“, се вели во воведот на наградената сторија, пренесе ЦИВИЛ Медиа.

Податоците од 2023 година нагласуваат значителни родови разлики во земјава – мажите сочинуваат дури 71% од имотната евиденција, наспроти скромните 29% кај жените, што е конзистентен тренд во сите региони. Дополнително, истражувањето на Националната федерација на фармери покажува уште попоразителна статистика:

  • Во руралните области, само 4% од жените се носители на сопственички права, и тоа најчесто откако ќе останат вдовици.

Истражувањата ја потврдуваат родовата шема и кај изјавите за откажување од наследство, каде што жените во огромен број се откажуваат од својот дел во корист на братот. Ова е директен резултат на патријархалната култура во која имотот традиционално му припаѓа на синот, па ќерките уште при оставинските постапки се лишуваат од она што законски им следува.

Со цел подлабоко да ги истражат овие динамики, авторките спровеле анкета и разговарале на терен со жени од различни возрасти, етнички заедници и социјални групи.

Нивните сведоштва и сличните судбини зборуваат за токсични семејни динамики кои жените ги носат на своите плеќи, заложувајќи ја сопствената иднина. Овие приказни јасно укажуваат на итна потреба државата да се освести за важноста на ова прашање. Како што се наведува во сторијата, потребно е темата да се отвори низ образовниот систем, но и преку насочени кампањи и програми, пред сѐ, во надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади. По воведниот дел, во сторијата следуваат десетици потресни лични сведоштва.

Градска Редакција

АКТУЕЛНО