Во Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“ при Медицинскиот факултет во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј “ во Скопје, е поставен демо роботски хируршки систем EdGe Medical  со кој успешно е изведена првата робот-асистирана уролошка операција во Македонија.
Според првичните информации,  хирушката интервенција е прва од ваков тип во поширокиот регион.

Операцијата ја изведе тимот на Клиниката за урологија, предводен од д-р Виктор Станков, научен соработник и специјалист уролог. При зафатот беше користен роботскиот хируршки систем EdGe Medical, со примена на Single Site метода, односно хируршки пристап преку еден единствен отвор.

Станува збор за уролошка операција  кај пациент со карцином на простата, изведена со примена на најсовремена роботска технологија и минимално инвазивен хируршки пристап.

Со оваа интервенција, македонското државно здравство прави историски исчекор во развојот на минимално инвазивната роботска хирургија, отворајќи нови можности за современ третман.

Овој успех се должи на спремноста на државното здравство да вложува во континуирана едукација на стручните кадри и  соодветна  најсовремена опрема во Клиниките и со тоа да создаде услови за развој и имплементација на најсовремените хируршки методи и технологии .

Овој пристап овозможува поголема прецизност при интервенцијата, помала траума за пациентот, намалена постоперативна болка и побрзо закрепнување. Според достапните сознанија, ова е и прва примена на Single Site метода од ваков тип во Европа.

Овој роботски систем покрај во урологијата ќе има можност да  се користи и во гинекологијата и во други хируршки домени во рамките на државното здравство.

Со имплементирање на роботскиот хируршки систем  нашата држава Македонија  застанува рамо до рамо со останатите развиени европски земји , отворајќи нови можности за современ третман на пациентите во земјава.