На Светскиот ден на креативноста и иновациите треба да се потсетиме дека, како што се вели во соопштението на ОН, не постои единствено разбирање за креативноста. Таа може да значи сè – од уметнички израз до решавање проблеми во контекст на економски, општествен и одржлив развој. Затоа Обединетите нации го прогласија 21 април за Светски ден на креативноста и иновациите, со цел да се подигне свеста за нивната улога во сите аспекти на човечкиот развој.
Во современиот свет, креативноста и иновациите ретко постојат изолирано. Тие се поврзани, се надоврзуваат една на друга и често се раѓаат токму на пресекот меѓу различни области – технологија, економија, култура, екологија. Една идеја создава друга, едно решение отвора ново прашање. Во тој контекст, градовите се најгустите точки на таа поврзаност. Тука, креативноста не е само индивидуален израз, туку колективен процес во кој секојдневните потреби, ограничувањата и можностите постојано создаваат нови решенија.
И токму затоа, денес сè почесто зборуваме за иновации како за систем, а не како за изолирани „генијални“ идеи. Од паметни транспортни решенија, преку управување со ресурси, до дигитални услуги што го менуваат начинот на живеење – иновациите се сè повеќе вградени во самото функционирање на градовите. Тие не се нешто што се додава однадвор, туку нешто што се развива одвнатре, како одговор на реални проблеми.
Денес, таа динамика добива нова димензија со развојот на вештачката интелигенција. Таа не е само уште една технологија, туку цела нова платформа што ги забрзува, поврзува и трансформира постојните процеси – но и ги редефинира. Во контекст на урбаното живеење, ВИ веќе прави сè: од анализа на сообраќај до управување со ресурси и јавни услуги. Потенцијалот е огромен. Но како и секоја иновација, нејзината вредност не зависи само од тоа што може да направи, туку од тоа како ќе биде вклучена во системот. Без јасна визија и одговорно управување, и најнапредната технологија може да остане неискористена – или да создаде нови проблеми наместо решенија. Технологијата сама по себе не создава подобар град. Но начинот на кој ја користиме несомнено – да.
Во градот, креативноста и иновацијата не се нешто што се одбележува еднаш годишно. Градот, самиот по себе, отсекогаш бил изум – жив систем што постојано се движи, се менува и се обновува.
Не само во архитектонска или техничка смисла, туку како постојан процес на прилагодување, решавање и преживување. Од првите улици и пазари, до денешните дигитални мрежи и урбани системи, градовите не се само изградени – тие се измислувани, повторно и повторно.
Но креативноста во градот не е онаа што најчесто ја славиме.
Таа не е само во музеите, галериите или архитектонските проекти. Таа е во секојдневието. Во начинот на кој луѓето се движат, се снаоѓаат, ги заобиколуваат пречките и го користат просторот.
Во град како Скопје, креативноста често не е избор. Таа е нужност.
Кога јавниот превоз не функционира како што треба, луѓето наоѓаат алтернативи. Кога тротоарите се блокирани, се создаваат нови патеки. Кога системите не се доволно флексибилни, граѓаните стануваат пофлексибилни од нив. Оваа креативност е тивка, практична и често невидлива. Таа не се појавува во стратегии и планови, туку на улица, во реално време. И најчесто не се „чита“ како креативност.
Но тука се појавува и клучната разлика. Постојат градови во кои креативноста се користи за да се унапреди системот. И постојат градови во кои креативноста служи за да се надомести неговата слабост. Во првиот случај, иновациите создаваат подобар град. Во вториот, тие само го прават поднослив. Разликата не е во луѓето. Таа е во системот.
Во уредените градови, креативноста е поддржана – преку инфраструктура, правила и долгорочно планирање, но и финансирање. Таму, новите идеи стануваат дел од решението. Микромобилноста, јавниот простор, зелените решенија – тие не се случајни појави, туку резултат на свесни одлуки, стратегија и долгорочна, системска инвестиција.
Во другите, креативноста останува импровизација. Таа се појавува таму каде што системот недостасува.
Затоа, кога зборуваме за креативност и иновации во градот, не треба да зборуваме само за нови технологии или идеи. Треба да зборуваме за тоа како градот функционира – и дали дозволува тие идеи да станат дел од системот. Бидејќи вистинската иновација не е во тоа да се најде начин да се заобиколи проблемот, туку како да се реши одреден проблем или да се подобри животот во градот.
Градот не е завршен проект. Тој е постојан процес. И токму затоа, креативноста и иновациите во него не се луксуз. Тие се основен механизам на живот во урбана средина.
Градска Редакција








