Search
Search
Дуо „Алембик“ (фото извор: ФБ страница на „Алембик“

Со европско искуство и порака против насилството: Дуото „Алембик“ на 11 јуни во МКЦ

Македонското алтернативно дуо „Алембик“ се враќа пред домашната публика со премиерна концертна изведба на својот втор студиски албум. Промоцијата на материјалот насловен „Без никого да удриш“ ќе се одржи во Денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ) на 11 јуни, со почеток во 20 часот.

По низата успешни настапи ширум Европа, заокружени со неодамнешниот концерт во Даблин, Ирска, дуото кое го сочунуваат Ива Дамјановски (клавијатури, теремин и вокал) и Виктор Танасковски (гитара и вокал) го носи новиот звук во Скопје.

За разлика од нивниот дебитантски, истоимен албум од 2022 година кој се фокусираше на симбиозата меѓу природата и технологијата, „Без никого да удриш“ носи поразлична, ангажирана порака. Целиот албум е посветен на борбата против насилството, тема која провејува и се рефлектира низ сите нови песни.

На овој проект, „Алембик“ соработуваат со истакнати домашни музичари како Андреа Мирческа на бас гитара, Драган Теодосиев на тапани и Филип Ефински како гостин на неколку композиции.

Концертната вечер во МКЦ ќе понуди повеќеслојно уметничко искуство. Покрај живата изведба, присутните за првпат ќе имаат можност да го погледнат и краткиот документарен филм кој го прикажува процесот зад создавањето на албумот, во режија на Теона Христовска.

Дополнително, за љубителите на аналогниот звук, на самиот настан ќе биде достапно за купување и првото винилно издание на „Алембик“, издадено во продукција на „Мртов коњ“ и „Ракамакафон“.

Како загревање за претстојниот концерт, бендот неодамна во етер го пушти и најновиот видеоспот за песната „Милосрдие“, кој веќе може да се погледне на нивниот YouTube канал. Нашите читателки и читатели можат да го погледнат спотот тука:

Влезниците за концертот се веќе пуштени во продажба и можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на МК Tickets.

Градска Редакција

АКТУЕЛНО