Мајка Тереза љубовта за различностите ја научи од Скопје

На 5 септември 1997 година почина Гонџа Бојаџиу, позната како Мајка Тереза ​​во Калкута. Како и секоја година, светот ја одбележува годишнината од смртта на преподобната монахиња позната по тоа што го посветила својот живот на грижата за болните и сиромашните, која до ден-денес останува една од најпочесните хуманитарци во историјата за својата услуга што ја донирала.

Гонџа Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година во Скопје. Битките што ги водеше против глобалната сиромаштија и ја донесоа Нобеловата награда за мир во 1979 година. На 13 март 1997 година, Мајка Тереза ​​поднесе оставка како претседател на Мисионерките на милосрдието, каде што почина на 5 септември истата година.

5 септември беше прогласен за Меѓународен ден на милосрдието од страна на Обединетите нации, во чест на извонредната служба што Мајка Тереза ​​ја изврши кон сиромашните без разлика на нивната верска припадност.

Додека светот продолжува да го слави животот и наследството на Мајка Тереза, ви претставуваме некои од нејзините најинспиративни и цитати:

„Ако не можете да правите големи работи со љубов, правете мали работи со многу љубов“.

„Ако сакате да го промените светот, почнете од себе“.

„Животот е краток, но љубовта е вечност“.

„Животот е како молив. Со него можете да напишете убава приказна“.

„Најголемиот подарок што можете да го дадете е љубовта“.

„Сиромаштијата не е создадена од Бога. Тоа сме ние што го предизвикавме, јас и ти, преку нашата себичност“.

 Која е Мајка Тереза?

Мајка Тереза често велеше „Сепак, не јас, туку Христос живее во мене“. Таа претставува синоним за сето добро, благородно, чесно за тоа како од срце искрено се помага на оние на кои помошта им е најмногу потребна. Таа беше често именувана како светица на сиромаштијата и сиот свој живот им го посветила на невините жртви на насилството, на оние кои умираа низ улиците, на болните од лепра и од сида. Таа живееше едноставно, како за време на животот, така и по нејзината смрт – остана синоним за доброто во светот.

Родена е како Гонџа Агнеса, во Скопје, 1910 година, во време кога градот бил под Отоманското царство, во албанско-римокатоличко семејство како трето дете на семејството Бојаџиу, покрај сестрата Ага (1904) и братот Лазар (1907). Се смета дека татко и Никола бил припадник на влашката заедница. Ден по раѓањето, на 27 август, е крстена во Католичката црква “Пресвето Срце Исусово“ во Скопје и тој ден се смета за нејзин роден ден. Името Гонџа значи пупка или цвет со розова боја.

Според едни записи, татко и Никола бил трговец, а по други аптекарски помошник. Бил почитуван, сакан и современ човек кој во тоа време ги школувал сите свои деца. Мајка и Дранафила, била домаќинка, исклучително побожна жена. Помагала со задоволство секому, а вратата од куќата на семејството Бојаџиу постојано била ширум отворена. Според спомените што ги раскажувал братот на Гонџе, Лазар, фамилијата Бојаџиу потекнувала од Призрен, а мајката и таткото им биле родени во Скопје. Карактеристично за нејзината фамилија било тоа што имало многу мешани бракови.

Гонџа растела опкружена со љубов и гледала како чувствата несебично се споделуваат со другите, заедно со материјалните добра затоа што нејзините родители биле луѓе со широко срце, кои на сиромашните им делеле храна, облека, пари…

Во тоа време Скопје бил развиен трговски центар, мултикултурна и мултирелигска средина. Научила да комуницира со сите, и со оние кои се различни и по јазикот, и по културата, и по верата, и по погледите кон светот. Токму низ тие спротиставности и разлики таа учела дека само љубовта ги намалува разликите и љубовта е таа која дава шанса и можности и во тие различности сите да се чувствуваат добро.

Забележано е дека младата Гонџа била жива, темпераментна и енергична девојка, ведра, насмеана и дружељубива. Пожртвувана, скромна, а сепак толку одлучна и силна, што било контраст на нејзината кревка физичка природа. И исклучително хумана. Била многу ангажирана околу црковната заедница “Срце Исусово“, пеела во хорот како сопран, играла во црковниот и градскиот театар, рецитирала, пишувала поезија, свирела на мандолина и се почесто сонувала да стане – часна сестра.

Во овој сплет на околности, посветеност кон Исус и вродено милосрдие, останување без татко на само осум години, било логично и очекувано, иако првично болно за мајка и, но и за роднините и пријателите, на 18 години завршената гимназијалка да замине од дома. Прво во Ирска, од каде стасува во Калкута, Индија, да служи на најсиромашниот меѓу сиромашните и да се дарува љубов на оние на кои им е љубовта потребна. Изборот за Ирска и специфичниот религиозен ред од сестрите на Лорето кој организирал мисионерски училишта во Индија бил по совет дека е тоа патот по кој таа може да ја исполни својата амбиција и фактот дека ирската секција била една од најдобрите женски верски заедници.

Само година дена подоцна се наоѓа во Индија каде во манастирот Лорето, четиристотини милји северно од Калкута и формално на 23 мај 1929 година го започнува својот живот во нунцијатот.

Таа беше скопјанка која поголемиот дел од животот го помина во Индија, во земјата која е втора по бројот на жители во светот и седма по географска големина чиј главен град е Њу Делхи. Како дом на прастарата цивилизација на индиската долина и област на историските трговски патишта и пространи империи, индискиот потконтинент бил идентификуван со своите комерцијални и културни богатства во поголемиот дел од својата долга историја.

jovan-pavle-vtori-i-majka-tereza
Папата 
Јован Павле II и Мајка Тереза

На 24 мај 1931 година, Гонџа Бојаџиу ја до­несува својата судбоносна одлука – го менува своето име и го зема монашкото име во чест на света Тереза од Авила, шпанска калуѓерка од XVI век и станува Мај­­ка Тереза. Таа се соочува со страдањата на лу­ѓето низ улиците на Калкута, каде предано работи на нејзиното мисионерство подолг временски период. Затоа, во 1948 година, папата Пие XII и’ да­ва дозвола да живее како независна калуѓерка, а истовремено таа станува жител на Индија. Во тој период го основа редот „Мисионерство на мило­ср­дие­то”, чии карактеристики се: едноставно бели сари со сини ленти и со по еден крст закачен на левото рамо.

Така од срце со неверојат­на волја и енергија започнува нејзиното несебично и пожртвувано ангажирање да се помогне на сиро­масите, бол­ните, сираците, старците и инвали­дите. Целиот свој живот им го подарува токму на нив. На та­ков на­чин Мајка Тереза станува позната и приз­ната гра­ѓан­ка во Индија и во светот, а еден од неј­зините редови „Сестри на милосрдието на Мајка Те­реза” постои и во Република Македонија.

Погребот на Мајка Тереза се изврши во Калкута, каде по богослужбата во црквата „Свети Томас”, всушност, започна погребната церемонија. Име­но, колата со ковчегот на Мајка Тереза влезе во преполнетиот затворен стадион Нетаџи, кој, иако пре­полн со илјадници лица и високи државни функ­ционери, кралски и дипломатски претставници, за момент се исполни со тишина, како израз на ис­клу­чителниот респект кон животот и делото на го­ле­ми­­от хуманист кој целиот свој живот го посвети на си­­­ромашните, на кои им подари добрина и љубов.

pogrebot-na-majka-tereza
Од погребот на Мајка Тереса

Свечената церемонија се одликуваше со од­лич­на организација на индиските власти, кои на Мај­ка Тереза и’ приредија државен погреб, со ис­клу­чи­тел­на љубов. Белите букети цве­ќе, аранжирани ненаметливо, едноставно, а сепак до­­минантно, каков што беше и животот на леген­дар­­ната мисионерка. Меѓу многуте светски деле­га­­ции се наоѓаа премиерот и претседателот на Индија, пр­вата дама на САД, Хилари Клинтон, кралицата Нор од Јордан, првата дама на Франција, леди Бернадет Ширак, сопругата на премиерот на Канада, Алин Кретјен, Соња Ганди, прет­се­да­те­лот на Албанија, претседателот на Гана, повеќе ми­нистерски делегации, поранешната кралица на Бел­­гија и многу други видни личности.

Свечената церемонија на која присуствувавме за­врши по 3,5 часа кога македонската делегација во името на целиот македонски народ и на државата – Република Македонија положи венец во знак на по­­чит од македонските граѓани, а особено на скоп­јани, чија сограѓанка беше Мајка Тереза. Последен поз­­драв на благодарност од сите присутни и од сите оние кои ја сакаа и и оддадоа признание, упати неј­зината наследничка сестра Нирмала. Таа, меѓу дру­гото, нагласи дека животот на Мајка Тереза прет­ста­вувал „жртва, молитва и љубов за сите, особено за најсиромашните од сиромашните”.

По беатификацијата на Мајка Тереза, која на 19 октомври 2003 година ја извршил папата, таа ја добила титулата блажена Мајка Тереза, која ја носела сè до нејзиното прогласување за светица кага црквата официјално утврди дека има изведено и второ чудо. Затоа и на 17 декември 2015 година Ватикан потврди дека  папата Франциск го признал второто нејзино чудо со лечењето на човек од Бразил со повеќе тумори на мозокот.

Папата Франциск ја канонизирал Мајка Тереза на 4 септември 2016 година на плоштадот „Свети Петар” во Ватикан пред десетици илјади луѓе, меѓу кои 15 службени делегации 1.500 бездомни лица од цела Италија.

proglasuvanje-na-majka-tereza-za-svetica
Од прогласувањето на Мајака Тереза за светица

 

majka-tereza-2

 

Домот на Мајка Тереза во Скопје

Прогласувањето на Мајка Тереза за светица, Република Македонија го одбележа со низа настани и манифестации, а во Скопје, родниот град на светската хуманистка беше приредена татковинска прослава, насловена како „Месец на света Мајка Тереза”.

Исто така, на 4 септември 2016 година, кога папата Франциск во Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица, во капелата на нејзината Спомен-куќа во Скопје се одржа свечена света евхаристија. Во чест на канонизацијата на Мајка Тереза во септември беа одржани повеќе миси (богослужби) во Католичката црква „Пресвето срце Исусово” во Скопје, изложби, концерти, прикажување на филмови за живот и делото на светски познатата мисионерка. Во МАНУ, пак, беше одржана Свечена академија.

Значајно за Мајка Тереза е тоа што таа често велела „Сепак, не јас, туку Христос живее во мене“. Затоа, оние што имале можност да се сретнат и да зборуваат со Мајка Тереза, ќе се сетат на неа како на крајно едноставна, но топла личност која пленувала и која не се заборава, туку трајно останува во сеќавањата. Таа претставува синоним за сето добро, благородно, чесно за тоа како од срце искрено се помага на оние на кои помошта им е најмногу потребна.

Таа била често именувана како светица на сиромаштијата и сиот свој живот им го посветила на невините жртви на насилството, на оние кои умирале низ улиците, на болните од лепра и од сида. Таа живеела едноставно, како за време на животот, така и по нејзината смрт – остана синоним за доброто во светот. Мајка Тереза за многумина претставуваше светица во согласност со старите канонски правила; побожна, нежна, совесна, кревка, едноставна. Многумина ја осознаа додека беше жива, или за многумина стана светица дента кога таа почина.

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави