МОН: Изработката на учебници е комплексен процес што зависи од повеќе фактори

Министерството за образование и наука, во врска со информацијата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за „Состојбата со обезбедување на учебници во основното образование за учебната 2023/24“, укажува дека изработката на учебници е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание. Согласно законските и подзаконските акти, навремено се започнати и извршувани активностите од наша надлежност за изработка на учебниците, усогласени со важечката наставна програма.

Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници.

Учебникот, како едно од наставните средства што се користи за постигнување на целите на воспитно-образовниот процес, треба да овозможи постигнување на националните стандарди на знаење, учење со разбирање и подигнување на креативноста, иновативноста и критичкото размислување кај учениците. Нагласуваме дека во тек е темелна реформа на образованието која наметнува одредени неусогласености да се надминуваат во од. За да можеме да ја финализираме реформата, издигнувајќи го квалитетот на образованието, очекуваме од сите засегнати чинители да дадат поддршка, затоа што нашата цел, а веруваме и на сите останати – родителите, институциите, граѓаните, е учениците да стекнуваат знаења и вештини кои ќе ги направат рамноправни со нивните врсници од развиените земји.

Вчера, од КСДЗ рекоа дека МОН требаше да обезбеди учебници по сите наставни предмети и на сите јазици на кои се извршува наставата во основното образование пред почетокот на учебната 2023/2024 година.

– Од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на училишната година, МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34% учебници – рече Весна Бендевска, претседателка на Комисијата.

За денеска најавија седница на која ќе се разгледува можноста против МОН да се поднесе тужба затоа што не ја отстранил дискриминацијата.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави