Search
Search

Може да здивнете, платежните картички се повторно функционални

Откако најголем дел од претпладнето во текот на вчерашниот ден плаќањето со VISA и Mastercard картички беше недостапно, Македонската банкарска асоцијација објави дека привремениот проблем е надминат и плаќањето со картичките, но и повлекување на пари од банкомати е повторно активно. За жал, барем во моментов нема никакви детали за причините кои ги предизвикаа проблемите.

Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека e надминат проблемот поврзан со картичните брендови VISA и MasterCard.

Проблемот со картичките започна претпладнето, а не само што беа зафатени банкоматите и пос-терминалите во Македонија, картичките не беа достапни за плаќање ниту за корисниците надвор од државата. Дел од медиумите пренесоа неколку приказни за луѓе кои заминале на годишен одмор и не можеле да платат.

Добра вест е дека релативно брзо беше објавено дека прекинот е од привремен карактер. Заедно со ова беше објавен и совет за подигање готовина директно од шалтерите. Ова беше единствен начин за клиентите на неколку банки да дојдат до своите пари.

Она што е поинтересно ќе биде објавата за причините поради кои услугите беа недостапни. Засега единствен објавен официјален податок е дека причината за проблемот не е поврзана со националните телеком оператори, ниту со поединечните системи на банките. Станува збор за глобален проблем со конекцијата и серверите на картичните брендови, велат претставници на две неименувани банки за Мета.

Проблемите со платежните картички не влијаеа на безбедносна на сметките на граѓаните. „Напоменуваме дека паричните средства на граѓаните на сметките на банките се безбедни и достапни во секој момент.“, велат од НБРМ.

Нови детали за причините за привремениот проблем, ќе објавиме кога ќе бидат достапни.

 

АКТУЕЛНО