Search
Search

Муцунски со нова најава за изградба на веќе најавени паркови во Аеродром и Лисиче

Аеродромци пролетва треба да добијат неколку нови зелени површини, односно паркови како што тврдат од Општината. Од нив еден ќе се наоѓа во Стар Аеродром, вториот во Лисиче, а третиот во Ново Лисиче. Всушност ова е нова најава за парковите кои претходно беа промовирани, поточно за паркот на влезот во населбата Лисиче Муцунски објави уште пред две недели, додека пак во Стар Аеродром се садат нови дрвја и трева, а не се гради нов парк.

 

 

 

„Заедно со јавното претпријатие за комунални дејности, оваа недела хортикултурно уредуваме уште една површина во Стар Аеродром, каде работиме на раззеленување на еден од најголемите паркови во овој дел од општината, пишува тој.

 

Најпроблематично е тоа што третиот парк кој треба да се уреди кај ТЦ „Лиса“ во Ново Лисиче беше најавен уште минатата година, но досега уште не е направен. Изградбата на паркот не само што не почна пред една година, туку до денес е само прекопан просторот, покрај кој е поставен еден мобилен тоалет, па жителите реагираат дека и покрај ветувањето, ништо не се работи, а наместо зеленило пред себе имаат само земја и прашина.

Од Општина Аеродром објаснуваат дека изведбата трае подолго затоа што во реализацијата се вклучени повеќе партнери, но  тврдат дека се работи на терен, па месецов ќе се изведуваат и пешачки патеки.

-Во делот на паркот кај „Лиса“, познат како парк „Радост“, постапката за негова изведба трае подолго од вообичаено, затоа што во целосното реализирање на проектот се вклучени повеќе партнери и тоа дополнително влијае врз неговото пролонгирање. Инаку, досега завршен е ископот на земјените работи, поставена е хидрантска мрежа, а во моментов се поставуваат електричните инсталации. Во текот на следниот месец ќе почне изведбата на пешачките патеки, по чие завршување ќе се пристапи кон хортикултурно уредување на просторот и засадување на зелени садници – велат од Аеродром.

Од Општината очекуваат до крајот на пролетта да заврши изведбата на паркот „Радост“, со што граѓаните ќе добијат нов зелен простор за одмор и релаксација.

АКТУЕЛНО