Аеродромци пролетва треба да добијат неколку нови зелени површини, односно паркови како што тврдат од Општината. Од нив еден ќе се наоѓа во Стар Аеродром, вториот во Лисиче, а третиот во Ново Лисиче. Всушност ова е нова најава за парковите кои претходно беа промовирани, поточно за паркот на влезот во населбата Лисиче Муцунски објави уште пред две недели, додека пак во Стар Аеродром се садат нови дрвја и трева, а не се гради нов парк.
„Заедно со јавното претпријатие за комунални дејности, оваа недела хортикултурно уредуваме уште една површина во Стар Аеродром, каде работиме на раззеленување на еден од најголемите паркови во овој дел од општината, пишува тој.
Најпроблематично е тоа што третиот парк кој треба да се уреди кај ТЦ „Лиса“ во Ново Лисиче беше најавен уште минатата година, но досега уште не е направен. Изградбата на паркот не само што не почна пред една година, туку до денес е само прекопан просторот, покрај кој е поставен еден мобилен тоалет, па жителите реагираат дека и покрај ветувањето, ништо не се работи, а наместо зеленило пред себе имаат само земја и прашина.
Од Општина Аеродром објаснуваат дека изведбата трае подолго затоа што во реализацијата се вклучени повеќе партнери, но тврдат дека се работи на терен, па месецов ќе се изведуваат и пешачки патеки.
Од Општината очекуваат до крајот на пролетта да заврши изведбата на паркот „Радост“, со што граѓаните ќе добијат нов зелен простор за одмор и релаксација.