Search
Search

На паркингот во „Дајмонд мол“ еден месец се наплаќа без дозвола

Советот на Град Скопје двапати не ја усвои одлуката за давање дозвола за вршење дејност паркирање на „Лимак“, а од Град Скопје на прашањето дали ќе има казни или и понатаму ќе се толерира недозволената наплата за паркирање во „Дајмонд мол“, тврдат дека инспекторите ќе постапат, но не прецизираат кога тоа ќе се случи, пишува „Слободен печат“.

Цел месец на паркиралиштето во комплексот „Дајмонд мол“ на посетителите им се наплаќа за паркирање иако „Лимак“ нема дозвола за вршење таква дејност.

 

Сепак, секој што ќе влезе на паркингот, мора да издвои 50 денари од час и по толку за секој нареден час доколку подолго го остави својот автомобил на паркиралиштето. „Лимак“ си одредил и казни за изгубен или оштетен билет или доколку автомобилот е паркиран надвор од обележано паркинг-место. Казната изнесува 1.500 денари. Паркингот е отворен од 8 до 1 часот по полноќ, што значи 17 часа дневно се врши недозволена наплата.

Советот на Град Скопје на последната седница по вторпат не ја изгласа одлуката за давање дозвола за вршење дејност паркирање на Друштво за градежништво, трговија и услуги „Лимак“ ДОО Скопје. Притоа, ниеден советник не гласаше за предлог-одлуката токму поради тоа што паркирањето веќе се наплаќа без дозвола. Советникот Гордан Шутаров од СДСМ и јавно ги повика службите на Град Скопје да испитаат како може да се врши ваква дејност без дозвола од Град Скопје.

Претседателот на Советот Трајко Славески за „Слободен печат“ потврдува дека според одредбите од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, ваква дејност не може да се врши без дозвола.

 За вршење јавна дејност паркирање, одлука мора да донесе Советот на Град Скопје. Таква одлука двапати не е изгласана. Понатаму треба Град Скопје, односно градоначалничката и службите, да постапат и да спроведат. Во моментов на паркиралиштето наплатата се врши без дозвола од Советот – објаснува Славески.

Од Град Скопје велат дека инспекторите ќе постапат, но не прецизираат кога тоа ќе се случи. На прашањето дали ќе го спречат недозволеното постапување на „Лимак“, дали ќе има казни или и понатаму ќе се толерира наплатата за паркирање во „Дајмонд мол“, одговараат дека компанијата до Секторот за сообраќај на Град Скопје ја доставила потребната документација и дека барателот ги има исполнето условите за да врши дејност паркирање во согласност со Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје.

 Секторот за сообраќај, според своите надлежности, достави Предлог-одлука за давање дозвола за вршење дејност паркирање на Друштво за градежништво трговија и услуги „Лимак“ ДОО Скопје, до Советот на Град Скопје и тоа на 41. седница на Советот на Град Скопје, одржана на 28.12.2023 година, како и на 42. седница на Совет на Град Скопје, одржана на 31.1.2024, но советниците од Советот на Град Скопје не ја усвоија претходно посочената Предлог-одлука. Предлог-одлуката не е усвоена, според тоа надлежните градски инспектори ќе извршат инспекциски надзор на терен, по што доколку се утврдат неправилности, се започнува соодветна постапка – велат од Град Скопје.

Неправилностите што се прават на паркингот во „Дајмонд мол“ траат еден месец, а инспекторите сѐ уште не постапиле и допрва ќе излезат на терен и ќе утврдуваат дали има неправилности, иако од Град Скопје самите во образложението на Предлог-одлуката доставена до Советот навеле „паркиралиштата што не се јавни може да се користат и стопанисуваат во комерцијални цели, при што субјектот што ги дава услугите на паркирањето мора да има дозвола од Град Скопје за вршење дејност паркирање“.

Одговор побаравме и од „Лимак“ за тоа како наплаќаат за паркирање во „Дајмонд мол“ иако немаат дозвола за вршење таква дејност.

Во комуникација сме со Град Скопје за изнаоѓање решение за ова прашање – е кусиот одговор што стигна од компанијата.

И така работите се вртат во круг, а состојбата со плаќањето, премолчено од надлежните сѐ уште трае. Во меѓувреме, штетата ја трпат граѓаните што пазаруваат во молот.

Извор Слободен печат

 

АКТУЕЛНО