Не шетајте низ Скопје без шише со вода, низ градот има само 200 чешмички

Доколку граѓаните со себе не носат шишенца со вода во деновите кога надворешните температури се високи, ќе останат жедни. Ниту имаат каде вода да се напијат ниту да си го изладат лицето, затоа што на територијата на целиот град има само 200 јавни чешмички. Тоа за Скопје, каде што летните температури честопати достигаат 40 степени е навистина премалку.

Граѓаните се жалат дека нема чешмички покрај булеварите, нема на градскиот плоштад ниту покрај детските игралишта. Доколку се тргне пеш во должина на булеварот Партизански одреди, скопјани треба да бидат подготвени дека нема да наидат на чешмичка за вода. Ниту доколку се рекреираат на кејот на Вардар.

Срамота е човек да нема каде на улица вода да се напие, да се освежи со ладна вода, а сите што живееме тука знаеме каков „пекол“ е, еве само последниве неколку дена штом престанаа дождовите „изгоревме“. Мисли ли некој на потребите на граѓаните во овој град? – се пожали еден повозрасен граѓанин што живее во близина на градскиот плоштад.

Проблемот со недоволниот број чешмички долго трае и се повторува секоја година, но, за жал, очигледно се заборава штом помине летото. За него знаат и општините и надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, но не само што не се решава проблемот, туку во споредба со лани годинава во функција се дури 40 чешмички помалку.

Минатата година од јавното претпријатие информираа дека во градот има 240 чешмички, а годинава велат 200. Што се случило со другите, нема информација.

На територијата на град Скопје има околу 200 чешми за вода на јавни површини. Оние кои се на јавна површина со надлежност на Град Скопје се во функција и редовно се одржуваат, додека ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје донесе одлука за поставување водомери на чешмите што се во надлежност на општините, кои по поставувањето на водомерите, ќе бидат одржувани од нивна страна, додека оние што нема да бидат преземени од општините нема да бидат пуштени во работа – велат од претпријатието.

Колкав е недостигот на чешмички за вода говори и фактот дека, на пример, на територијата на општина Центар, која е со површина од околу 8 километри квадратни, има поставено само 19.

Честопати се случува и доколку се наиде случајно на некоја чешмичка, таа да не работи. Од „Водовод и канализација“ велат дека е тоа најчесто резултат на вандалско однесување на несовесните граѓани, а сосема ретко станува збор за дефект. Инаку, вообичаено пред почеток на летната сезона, сите чешмички што се поставени на територијата на градот се проверуваат дали се функционални или, пак, претрпеле одредени оштетувања.

На прашањето дали се планира поставување нови и каде сѐ е утврдена таква потреба и дали граѓаните можат да побараат, доколку воочат дека некаде има потреба, да се постави чешмичка и кому да се обратат, од јавното претпријатие велат дека надлежноста ќе биде на општините.

За поставувањето нови фонтани или чешмички, надлежни ќе бидат општините и на нивно барање ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ќе им дава приклучок за вода на кој ќе биде поставен водомер, а одржувањето е обврска на општината – одговараат од претпријатието.

Скопје е град кој во текот на летото е многу посетен од туристи, главно оние кои транзитираат тука и во градот се задржуваат ден-два. Без оглед на тоа какви впечатоци ќе понесат со себе од тука сигурно ќе забележат, дека Скопје е град без јавни чешмички и без јавни тоалети.

А на граѓаните кои најчесто се движат пешки или со велосипед не им преостанува ништо друго освен со себе задолжително да си носат шишиња со вода. Оти повеќе чешмички од овие што се сега, наскоро нема да има.

Извор: Слободен печат

АКТУЕЛНО

Поврзани објави