Search
Search
Фото Фејсбук град Скопје

Недостига уште едно „да“ на советниците за државата да ја заврши обновата на Универзална сала

Откако на последната седница на Советот на Град Скопје, одржана во јули, беше прифатена иницијативата за времено отстапување на Универзална сала на Министерството за култура, кое откако ќе ја заврши реконструкцијата, повторно треба да го врати објектот во надлежност на Градот, на наредната седница советниците треба да донесат и одлука за пренесување право на реконструкција, доградба и надградба на салата.

Според предложената одлука, градоначалничката Данела Арсовска треба да склучи договор со инвеститорот, во случајов со Министерството за култура, со кој детално ќе се уредат правата и обврските во врска со реализацијата на реконструкцијата, доградбата и надградбата на објектот.

Донираната проектна документација за реконструкција на Универзална сала, во периодот на мандатот на претходниот состав на Советот на Град Скопје (2017-2021), не соодветствува со состојбата на терен при изведбата, нотирано со записници од јуни, јули, август и септември 2021 година. Поради тоа што нема можност да се продолжи со измени во тек на градба, затоа што законот тоа го дозволува само во случај на градба, а не и при реконструкција како во конкретниот проект, а соодветно на донесениот Заклучок на Советот на Град Скопје, како и во согласност со позитивните законски прописи се доставува оваа предлог одлука за пренесување на правото на реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала, како точка на дневен ред за следната седница на Советот на Град Скопје – наведува градоначалничката Арсовска во дописот до претседателот на Советот, Трајко Славески.

Доколку се изгласа одлуката на седницата закажана за 31 август, како што се очекува, можеби конечно ќе продолжи и некогаш ќе заврши реконструкцијата на култната сала.

Цели осум години Универзалната сала, еден од симболите на Скопје, е затворена за концерти, театарски претстави и други случувања од областа на културата, откако почнаа да паѓаат делови од таванот и се увиде дека ѝ е неопходна целосна реконструкција. Обновата започна на крајот од мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, а запре кога раководството со градската администрација го презема Данела Арсовска, поради тоа што, како што рече, проект имал грешки и не бил безбеден.

Оттогаш досега работите не се мрднати од „мртва“ точка. Руинираната сала, оградена со лимени огради и натаму претставува тажна слика на она што некогаш беше – култен објект каде што се случуваа сите културни настани и концерти битни за скопското живеење. Разрушениот објект на салата е оставен без никакви градежни активности речиси две години. Досега сите најави, договарања и преговарања, кои се случија уште минатата есен, немаа некаква завршница.

Иако од Град Скопје имаше најави дека веќе се направени измени во проектот, градоначалничката пролетва посочи дека измените не се направени туку се во тек и се прават според забелешките на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Од друга страна, на прашањето колку време би требало да се заврши објектот, Арсовска рече „од моментот кога ќе се најде решение за три четири месеци може да се заврши надворешно, а потоа ентериерот да се работи“, што значи дека решение не било најдено.

Владата за реконструкција на Универзална сала на наменска сметка на Градот обезбеди два милиони евра, но проценка е дека само ентериерот би чинел уште околу пет милиони евра, кои Градот ги нема. Тие пари исто така ќе треба да ги обезбеди државата, па затоа е нејасно зошто советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во градскиот Совет досега не дозволуваа објектот да го доврши Министерството за култура, кога секако Градот не може да обезбеди толку пари за еден проект.

Извор: Слободен печат

 

АКТУЕЛНО