Search
Search

Новинарските здруженија за пресудата против ИРЛ: Скандалозна и неприфатлива за демократско општество

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска остро реагира на објавеното писмено образложение на пресудата на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“.

„ИРЛ не е медиум и може да се соочи со забрана за работа“, се парафразираните цитати во дел од писменото образложение на пресудата на судијката.

Имено, судијата Панева во образложението од пресудата го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум односно ИРЛ не е здружение за „новинарски известувања“:

„ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“.

Истовремено и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека образложението на пресудата на граѓанскиот суд во случајот Кочо Анѓушев и компанијата „Брако“ против Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) и новинарката Сашка Цветковска е скандалозно, неприфатливо и незамисливо за едно демократско општество.

„Со оваа пресуда која беше објавена вчера не се навлегува во суштината на тужбата за наводната клевета кон поранешниот вицепремиер Анѓушев во емисијата „Заговор против воздухот“ емитувана во 2021 година на МРТВ, туку се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ сѐ со цел да се оправда пресудата на судијката Јованка Спировска Панева. Притоа се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност“, велат од синдикатот.

ССНМ смета дека токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство.

 

 

АКТУЕЛНО