Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Македонија одбележува 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и борец за слобода Гоце Делчев. И годинава на улицата „Самоилова“ која води до црквата „Свети Спас“ каде што се наоѓа неговото вечно почивалиште беа поставени барикади, забележливо беше засиленото полициско присуство, а движењето беше строго определено. Пред саркофагот на великанот Делчев се поклонија и положија цвеќе претседателот на државата Стево Пендаровски, делегации од Владата, Собранието, Армијата, претставници на дипломатскиот кор, политички партии и повеќе здруженија на граѓани. Откако оддадоа почит, дел од политичарите дадоа изјави за медиумите. Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска порача дека аманетот на Делчев е и за сегашните и идните генерации, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посака национално и општествено обединување.

„Денеска оддаваме почит на ликот и делото на Гоце Делчев. Неговиот аманет е и за сегашните и за идните генерации. Делчев е симбол на единството и државотворноста, се борел за слободна и просперитетна држава. Ние сме тие коишто неговиот аманет ќе треба да го продолжиме во иднина“

„ Денеска се поклонуваме на ова место, за нас посебно, традиционално, на македонскиот великан Гоце Делчев со желба за национално обединување, општествено обединување. Нешто што ќе ни биде потребно после осми мај.“

Освен делегациите, почит на македонскиот херој Делчев му оддадоа и граѓани кои доаѓаа во црвката Свети Спас за да се поклонат пред гробот на учителот.

Иако беа присутни на одбележувањето, изјава за медиумите не дадоа претседателот Пендаровски и неговата противкандидатка Сиљановска Давкова, но на социјалните мрежи потсетија за идеалите на великанот. Пендаровски напиша дека Делчев за македонскиот народ претставува стожер врз кој денес ја градиме нашата државност и самобитност, а Сиљановска Давкова порача дека денот на смртта на Делчев не потсетува колкава е жртвата на нашите претци кои ги дале своите животи за ние да живееме во своја држава.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави