Фото:Тиииит! Инк.

Одбележување на Меѓународниот ден за менструална хигиена

Во МКЦ денеска ќе се одбележи Меѓународниот ден за менструална хигиена со настан на тема „#ПрваМенструација“, во организација на Тиииит! Инк., ПEРИОД Скопје и ХЕРА, со поддршка од Француската амбасада во Скопје.

Настанот ќе биде отворен од претставници на француската Амбасада во Скопје, по што ќе следува квиз на тема „Сеопфатно сексуално образование“.

На настанот ќе се промовира книгата #ПрваМенструација и ќе се проектираат кратки филмови и ќе има настап на бендот „Долорес“ од Србија.

Како што соопштија организаторите, настанот има за цел јавноста да се информира за значењето на менструалната правда, како конечно да се искорени менструалната сиромаштија и да се срушат табуата и стигмата поврзани со менструацијата.

Главен фокус на настанот ќе биде поставување диспанзери за бесплатно пристапување до влошки за менструална хигиена. Иницијативата која беше покрената пред неколку години ќе се оствари оваа година, со поддршка на француската Амбасада. Со оваа акција, додаваат организаторите, МКЦ ќе стане првата јавна културна установа која нуди пристап до бесплатни менструални продукти.

Оттаму потсетуваат дека минатата година Тиииит! Инк. заедно со иницијативата ПЕРИОД.Скопје ја одржаа конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“. Истата беше мотивирана од истражувањето спроведено во 2021 година со реактор – истражување во акција, со наслов „Менструална правда: сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во државава, проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, кое даде увид за менструалната правда во нашата земја.

Како што се наведува во соопштението, од 2021 година до денес, постои промена на дел од постоечките политики, но сѐ уште се присутни пречки за да се дојде до суштинско надминување на проблемите.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави