Search
Search

Олеснет протокот на стоки и патници со Албанија: На граничниот премин Ќафасан-Ќафтане профункционира оне-стоп-шоп системот

Пуштен во употреба е концептот оне-стоп-шоп на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане со Република Албанија. Со него, според премиерот Димитар Ковачевски, се овозможува побрз проток на граѓаните од двете држави, но и на компаниите кои транспортираат производи на овој граничен премин.

Премиерот потенцираше дека на овој начин се олеснува работата на 11 илјади компании од нашата држава кои се ориентирани кон извоз и кон трговија со други држави, а се овозможува и полесен пристап до пристаништата и до туристичките места во Албанија.

Фото: Влада на РСМ

-Овозможувањето на проток на луѓе и капитал истовремено ги зголемува и врските, комуникација помеѓу луѓето. Го зголемува и дружењето меѓу луѓето, нешто што цели половина век недостасуваше меѓу Албанија и тогашна Македонија, но сега претставуваме пример како треба да се однесуваат две соседни држави – рече Ковачевски.

Фото: Влада на РСМ

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби најави дека по денешниот проект, Владата ќе продолжи со активности и на другите гранични премини.

-Нема ништо поубаво од отстранувањето на бариерите и границите помеѓу нас, и ова го правиме заедно. Ова ме прави многу среќен. Овој граничен премин работи неколку дена, а ми пишуваат граѓани од нашите две земји, ми се јавуваат на телефон, од задоволство што меѓу нас нема граница, сега има само една контрола, а се надеваат дека наскоро и тие единечните контроли кои ги имаме меѓу нас, ќе ги отстраниме – додава Груби.

 
 

АКТУЕЛНО