Search
Search

Општина Карпош ќе ги покрива трошоците на младите за возачка

Младите карпошани кои годинава ќе наполнат 18 години, од денеска можат да аплицираат за субвенции за возачка дозвола за Б категорија, со што целосно ќе им бидат покриени трошоците за обука од теоретскиот и стручниот дел од испитот.

Јавниот повик за субвенционирање ќе трае до исцрпување на средствата за оваа намена во износ од 5 милиони денари и ќе функционира по принципот „Прв дојден, прв услужен“. Право на пријавување имаат сите заинтересирани млади луѓе кои, освен што годинава станале или ќе станат полнолетни,  се жители на Карпош најмалку три години и кои ќе извршат уплата и ќе посетат обука за теоретски и практичен дел за полагање на возачки испит за Б категорија, во некоја од осумте авто школи кои Општината ги избра преку јавен повик.

Општина Карпош ќе покрие 100 отсто од износот кој се наплатува за посетување на обуки за теоретски и практичен дел за полагање на возачка дозвола Б категорија. Во случајов, истиот износ е утврден како минимална цена за обука во Правилникот за минимална цена, за оспособување на возачи во авто школа за следење на обуки од теоретскиот и практичниот дел на кандидатите за возачи за Б категорија, согласно минималните пресметани елементи на вредност – информираат од Карпош.

За сите подетални информации, за потребните документи и начин на аплицирање, заинтересираните граѓани можат да се информираат на веб страната на Општина Карпош каде е објавен и јавниот повик за субвенционирање.

АКТУЕЛНО