Search
Search

Оштетени и уништени реквизити во детското игралиште во Дебар

Во текот на ноќта, сеуште непознати сторители оштетиле и искршиле дел од реквизитите, клупите за седење и корпите за отпадоци, во детското игралиште во Дебар, кое е во непосредна близина на детската градинка и деветолетката „Пенестија“.

-Го осудувам овој вандалски чин и апелирам за поголема совесност и заштита на општествената сопственост. Игралиштето за нашите деца беше изградено од буџетот на општина Дебар и беше еден од објектите што му недостигаа на нашиот град. Случајот е пријавен до надлежните органи за преземање мерки и се надеваме дека ќе бидат откриени сторителите на овој чин, кој е за секаква осуда, рече за МИА градоначалникот Хекуран Дука.

Од дебарската полициска станица со општа надлежност ни потврдија дека случајот е пријавен кај нив и по извршениот увид се преземаат мерки за расветлување на случајот.

Ова е прво и единствено вакво детско катче во градот, кое секојдневно е полно со деца, а посебно нивниот број е голем во летните месеци кога присуството на печалбарите е масовно.

Изградено и дадено во употреба е пред две години, за што општината потроши сопствени средства во износ од 5 милиони денари.

АКТУЕЛНО