Search
Search

Овчи сипаници најпријавувана зараза во февруари

Овчи сипаници преовладуваат во пријавените заразни заболувања во февруари, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. Со 661 пријава оваа болест е на прво место, по што следуваат ентероколитиси со 207 случаи па пертусис или големата кашлица – 120 случаи. И покрај овие податоци сепак во споредба со јануари, има намалување на овчи сипаници за 26,8 проценти.

„ Во однос на вакциналниот статус на заболените со голема кашлица, 60 лица се невакцинирани или некомплетно вакцинирани. Од сите пријавени случаи, 23 лица се хоспитализирани, со просечен престој во болница од 9 дена. Кај 119 случаи болеста е лабораториски потврдена, а еден случај е регистриран како веројатен, епидемиолошки поврзан со потврдени случаи“, пишува во извештајот.

На 2 февруари на територијата на Скопје е прогласена епидемија на голема кашлица, а подоцна Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство забранија децата кои се нецелосно вакцинирани да бидат примани во граинките. Од понеделникот оние кои немаат примено ревакцина повторно се вратија во градинка, но имаат рок од 6 месеци да се вакцинираат.

Инаку скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, додека во внатрешноста над 95 отсто од дечињата се вакцинирани, информира претходно на (12 март) директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат Рената Младеновска. ДСЗИ, како што рече, ги контролира и приватните градинки.

Во февруари пријавени се и четири случаи потврдени на ХИВ и еден на СИДА, од машки пол, кои се на возраст од 20 до 39 години. Пријавен е и еден смртен случај од СИДА, пријавен како заболен во 2018 година, од машки пол, кој припаѓа на возрасната група од 35 до 39 години. Пријавени се вкупно и 49 случаи на Ковид-19 во текот на февруари.

АКТУЕЛНО