Фото: Министерство за финансии

Пензионерите ќе добиваат и до 3.000 денари помош од државата во наредните пет месеци

„Го штитиме животниот стандард на пензионерите со најниски примања, ветивме поддршка за нив и ја исполнуваме. Во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари 2.000 денари, додека, за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните 5 месеци, ќе имаат поддршка од 1.500 денари“ рече премиерот Димитар Ковачевски.

Тој додаде дека за оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187 илјади пензионери.

„Следната мерка е за земјоделците. Нашата цел е зголемено домашно производство на земјоделски производи, но и вреднување на трудот на земјоделците. Со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата, и тоа за 40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството. За оваа мерка предвидени се 8,1 милиони евра“ рече Ковачевски.

Премиерот исто така кажа дека со пакетот на антикризни мерки се помага и на 5000 семејства за справување со енергетската сиромаштија, за што се издвоени над еден милион евра.

„Предвидени се 1,1 милиони евра за околу 2.250 корисници, за финансиска поддршка на домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Поточно, поддршката за фотонапонски панели е до максимум 80.000 денари, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум 25.000 денари за инсталација на ПВЦ. Со тоа ја реализираме нашата долгорочна определба за енергетска транзиција и зелен развој на земјата“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека исто така продолжува и мерката за субвенционирање на струјата, која ќе биде 90% субвенционирана.

„Овозможуваме субвенционирана цена на електричната енергија за 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи, за што проценката е дека ќе бидат потребни 35 милиони евра“ рече Ковачевски.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави